Дина Јорданова, теоретичарка на филм
Годинава на претстојниот „Бич филм фестивал“ во Охрид ќе се одржи панел-дискусија во соработка со „Криејтив Јуроп медиа деск“ од Македонија, на темата „Жената е жена – архетип на женскиот лик во европската кинематографија“, која ќе ја води Дина Јорданова, родена 1960 година во Бугарија. Таа е истакнат филмолог и теоретичарка на филмот, која работи како професорка во Шкотска. Во фокусот на нејзините теориски промислувања се поимите на центарот и маргината, како и филмските фестивали сфатени како алтернативни дистрибуциски канали и нивната поврзаност. На нашите простори, Дина Јорданова е позната првенствено благодарение на проучувањето на источноевропскиот и балканскиот филм. Таа, исто така, се занимава со општествените и политички околности што доведуваат до создавање еднаков однос кон женските ликови во филмовите. Според неа, во поновата балканска кинематографија и понатаму доминираат мажите што се служат со женските ликови како со средства за тематизирање други проблеми, како што се угнетувањето и меѓучовечките односи, општествената неправда и политичките неволји.
Колку добро ја познавате кинематографијата на овие простори?
– Вистина е дека многу добро ја познавам филмографијата од југословенскиот период и несомнено дека во најголем дел сум запознаена со работата најмногу на машките режисери. Ја познавам српската режисерка Соја Јовановиќ од тој период, која најчесто режираше комедии. Имав чест многу ценети југословенски режисери да ми бидат пријатели, како Душан Макавејев, а сѐ уште сум пријателка и со Слободан Шијан и Желимир Жилник, со кои се среќавам секој пат кога сум во Белград или Нови Сад. Исто така, сум горда што сум блиска и со Мила Турајлиќ, која неодамна освои ИДФА за филмот „Другата страна на сѐ“. Изминативе години, имав можност да посетам и да учествувам на многу настани во Загреб, Љубљана (каде што живее мојата долгогодишна пријателка и извонредна феминистка, Светлана Слапшак), Дубровник, Пиран, Белград и Скопје. Пресреќна сум што ќе бидам дел од „Бич филм фестивал“ во Охрид. Веќе 30 години живеам на Запад и, и покрај тоа што често го посетувам Балканот, учествувам на фестивали во Грција, Турција и Романија, тешко е да се следи ситуацијата во секоја земја од тој регион. Не знам колку се финансираат филмовите во балканските земји, ни која земја може да ги обезбеди достапните финансии преку програмите „Медиа криејтив Јуроп“ и „Еуроимаж“.
Што знаете за македонскиот филм, успевате ли да следите што се случува на овој простор?
– За разлика од времето на Југославија, каде што имавме едно мултикултурно, национално кино, сега имаме поединечни мали национални кинематографии. Верувам дека многу важни филмови се создадени на овие простори, но бидејќи сега сѐ е поделено по националности, потешко е филмовите да циркулираат и да бидат видливи. Сум немала можност да видам доволно филмови од Македонија колку што би сакала. Во 2001 година бев во Скопје каде што моја домаќинка беше тогашната режисерка Весна Масловариќ. Таа ми покажа некои класични филмови како „Мис Стон“, „Солунските атентатори“, но и филмови како „Истрел“. Позната ми е работата на режисерите Столе Попов и Милчо Манчевски, но не сум информирана за сегашната состојба. Претпоставувам дека е иста како и секаде: недостиг од фондови, силна конкуренција, зависност од копродукции и телевизиско финансирање, тешкотии во обезбедувањето циркулација на филмовите, изолација.
Во Охрид ќе го водите панелот што се фокусира на женското авторство… Каква е ситуацијата во регионов кога станува збор за жените режисери?
– Последниве години гледав извонредни филмови создадени од жени од Балканот. Една од поновите режисерки е Јасмина Жбаниќ, чиј филм „Грбавица“ беше интернационално познат, но и другите нејзини филмови не се помалку важни. Се воодушевувам на нејзините истрајност и чувствителност. Исто така, ја познавам работата на босанската режисерка Аида Бегиќ, која е исто така интернационално вреднувана. Ја сакам работата на хрватско-швајцарската режисерка Андреа Штака, потоа на Словенката Хана Слак и бев особено импресионирана од „Клип“ на Маја Милош. Ја следев работата на Теона Стругар Митевска, чиј филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ го гледав во Париз во мај годинава. Подготвувајќи се за „Бич филм фестивал“ видов и десетина скорешни филмови, краткометражни и документарци од жени што работат во регионот. Се трудам да следам и што е направено и во другите балкански земји и морам да кажам дека има исклучителни филмови создадени од жени. Во Грција има важни режисери како Олга Малеа, Пени Панајатополос и Константина Вулгарис, во Турција има одлични жени што работат на филм, на пример Јешим Устаоглу, но и на телевизија. И нема сомнеж дека нивните ТВ-серии го освоија целиот регион, како што е и прикажано во грчкиот документарец „Кисмет“. Во Романија се Ивана Младеновиќ и победничката на Берлиналето, Адина Пинтилие, како и продуцентката Ада Соломон, која е на чело на женската организација на Европската филмска асоцијација. Во Бугарија, се неверојатната режисерка на документарни филмови, Адела Пеева, младата Недејда Косева и Весела Казакова, како и многу други.
Кој е начинот нивните филмови да стигнат до поширока публика?
– Еден од најважните аспекти за да се подобри ситуацијата со ниската гледаност е потребата да се разбере подобро важноста на циркулацијата и фестивалите. Многу филмови се создаваат, но додека се завршат истите тие, луѓето што работат на нив се изморени од борбата и немаат сила за да ја направат дистрибуцијата. Верувам дека е особено важно внимателно да се работи на циркуларната траекторија на филмовите, да се внимава на кои фестивали ќе се прикажуваат и во кој контекст. Меѓународната мрежа е задолжителна. Многу патувам и среќавам многу жени режисери во различни земји. Само годинава запознав и зборував со жени режисери од Непал, Иран, Русија, Тајланд, Полска, Тајван, Кина… И така е веќе многу години. Во многу земји, филмаџиите имаат чувство дека се изолирани и тоа чувство преовладува главно кај жените. Можеби е оправдано чувството. Како и да е, забележувам дека жените, историски, не вложиле многу напор за да се организираат и да се поддржат една со друга. Убедена сум дека повеќе би можело да се направи преку организирање изложби на женската филмска работа и вмрежувањето низ различни земји на Балканот и пошироко. Иницијативата на „Бич филм фестивал“ во Охрид е одличен пример. Јас сум оптимист во врска со иднината и претпочитам да ја гледам чашата како половина полна (наместо како полупразна, како што вели англискиот израз). Верувам дека нашата дискусија во Охрид ќе им помогне на жените учесници да се чувствуваат оптимистички и ентузијастички за нивната работа.