Посетите на високи странски државници на земјите од регионот, речиси секогаш се придружени со економски интереси, односно зад ваквите посети стои влез на странски капитал и инвестиции. Тоа, секако, е и една од мисиите на меѓународната дипломатија и политика. Сепак, се добива впечаток дека посетите на странските државници на Македонија како да имаат повеќе советодавен, да не кажеме воспитен карактер, отколку директни економски и финансиски бенефиции.
Па, така, нам ни се делат совети што и како да постапиме по одредено прашање, додека странскиот капитал се трупа и расте во земјите од соседството.
Зошто високите странски државници и политичари, кои пристигнуваат во државата, во најголем дел пренесуваат политички пораки, а изостануваат економските ефекти на нивните посети. Оваа дилема е актуелна во домашната јавност во моменти кога во соседна Србија во дводневна посета престојува францускиот претседател Емануел Макрон, за кој многумина тврдат дека е можеби највлијателниот европски политичар во моментов.
Во меѓувреме, според најавите, по средбата на Макрон со неговиот српски колега Александар Вучиќ треба да бидат потпишани околу 20 договори од областа на економијата, меѓу кои и пет за воената соработка.
Белградскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) на темава информира дека инвестициите на Франција во српската економија се проценува дека се вредни околу 1,5 милиони евра, а стоковната размена меѓу двете земји во 2018 година достигнала 1,1 милион евра.
Но ова не е единствениот случај од кој висок државник по посетата на Белград со себе донесе и економска добивка за економијата на нашиот сосед. За време на јануарската посета на рускиот претседател Владимир Путин на Белград, беа потпишани точно 21 договор меѓу државите што ги регулираат односите меѓу економијата на двете земји и планираниот руски гасовод, кој треба да помине низ Србија.
Според процените на медиумите, посетата на Путин на Белград тежи околу 660 милиони евра во економска смисла на зборот, кои по реализирањето на меѓународните договори би требало да се слеат во буџетот на Србија.
Натаму, слична беше состојбата и по последната посета на кинескиот претседател Си Џинпинг на Белград, кој по завршувањето на својата посета во Србија замина со потпишани 23 договори, кои во најголем дел се однесуваат на економската соработка на Кина со балканската држава. Белградскиот весник „Политика“, анализирајќи го ефектот од економската соработка на Кина и Србија, пишува дека кинеските инвестициите во Србија се преценува дека вредат над 2 милијарди евра.
– Како што стојат работите сега меѓу Белград и Пекинг, договорено е дека Србија е центар за сите проекти што треба да се имплементираат во областа на кинеската инфраструктура во регионот, кои, пак, треба да отворат над 1.200 работни места за српските граѓани – пишува „Политика“.
Во сублимиран заклучок експертите со кои се консултиравме советуваат дека македонската дипломатија, очигледно, треба да се угледа на српската и наместо високите државнички посети да ги користи за прибирање насоки за дејствување и за собирање политички поени тие треба да се користат за зацврстување на релациите и да се насочат кон економскиот импакт на меѓународниот партнер.
Поранешниот македонски амбасадор, Ристо Никовски, вели дека посетата на Макрон на Белград и планираните договори покажуваат дека односите се содржајни и дека станува збор за интензивна соработка и заемни интереси.
Според него, од друга страна, сите посети на Македонија во последните години на високи државници од светот имаа единствена цел да извршат притисок врз земјата да прифати неприфатливи договори и решенија.
Никовски вели дека тие доаѓаа со јасни цели да ги реализираат своите интереси на штета на фундаменталните македонски интереси.
– Едноставно тоа е разликата меѓу Белград и Скопје – заклучува дипломатот.
Слично размислува и аналитичарот Милан Стефаноски, кој, пак, додава дека не може да се спореди влијанието на македонската политика со онаа на поголемите балкански земји како на пример соседна Србија, Бугарија и Грција.
– Овие земји имаат далеку поголемо геостратегиски значење за светот од Македонија, па поаѓајќи од самата констатација тие се и попримамливи за инвестиции на меѓународната заедница. Индиректен доказ за тоа е и самата посетата на Макрон на Белград во моменти во кои овој француски политичар на овој начин дава и вистинска поддршка на функционирањето на една балканска земја, која наскоро би можела да биде и следната нова членка на ЕУ. Спротивно од тоа, пак, во сите можни средби на францускиот државен врв со македонските политичари не беа спомнати никакви економски соработки – вели Стефаноски.