Демонстрантите кои попладнево неколку часа го држеа парламентот на Хонгконг под опсада, насилно упаднаа во централната сала на парламентот, пренесува Би-би-си.
Целта на демонстрантите беше да ја прекинат годишната церемонија за подигнување на знамето на која присуствуваа високи претставници од Хонгконг и Кина, во пресрет на годишнината од предавањето на оваа поранешна британска колонија на Кина.
Илјадници луѓе со спреј пишуваа пораки на ѕидовите и носеа храна и вода за оние кои ги окупираа просториите.
По бројните предупредувања да се напушти просторот околу и во парламентот кои беа игнорирани, полицијата употреби солзавец за да ја спречи толпата надвор од парламентот да влезе внатре. Откако интервенираше полицијата повеќето демонстранти го напуштија парламентот, но неколкумина сѐ уште останаа во централната сала.
Нанесена е огромна штета на внатрешноста на парламентот.
Во Хонгконг веќе некое време има масовни протести поради воведувањето на новиот закон за екстрадиција. Измените на законот треба да ја поедностават процедурата за одобрување на екстрадиција на осомничени во други земји, вклучувајќи ја и Кина, Макао и Тајван. Освен со овие три земји, Хонгконг има договор за екстрадиција и со други 20 земји.
Оние кои се противат на усвојувањето на законот сметаат дека обвинетите во кинескиот правосуден систем нема да ги имаат истите права како во Хонгконг. Земјата е поранешна британска колонија, која е вратена на Кина во 1997 година, како гаранција за автономија и слобода, вклучувајќи и посебен правен систем.