Не знам зошто ама приказната за фолк-музиката ќе ја започнам со неповторливиот рок-фолкер Брус Спрингстин. Секогаш кога ги слушам неговите песни, имам чувство дека во еден момент тој е младиот Вуди Гатри, во друг остарениот Том Вејтс, а богами на моменти во таа негова магична музика има и нешто бобдилановско. Според мене, токму тоа е алхемијата на автентичната фолк-музика, или ако сакате на модерниот фолк-рок. Инаку, стилски гледано, фолкот е традиционална музика. Од културен аспект, пак, оваа музика е дел од фолклорната традиција на доселениците во САД. А тоа се емигрантите Ирци, Шкоти, Велшани, Скандинавци, Италијанци, Французи, Евреи, Шпанци, Кубанци, Јамајканци, воопшто Карибјани и други. И дефинитивно, како што ритам и блузот е музика на црниот човек, така фолкот е музика на белците.
Води потекло од големата и долга традиција на трубадурскиот и минстрелски модел на создавање поезија придружена со инструменти на жици. Се пеела на прослави и најразлични свечености, и на празници. Има едноставна хармонија, а во текстовите отсекогаш во себе носи индивидуално видување на општествените состојби и случувања. Уште од самите почетоци, па до денес таа служи како медиум за опис на состојбата на душата на белиот човек во Америка. Со текот на времето се развива како ангажирана музика, а потоа и како протестна. Претходно видовме дека за тоа се најзаслужни Вуди Гатри и Пит Сигер, кои се првите модерни фолк-рок трубадури, кои добро и длабоко го посеале семето на овој вид музика. Нивното музичко дело ја обликуваше финалната димензија на фолк-движењето на самата половина на 20 век.
Овие фолк-великани создадоа песни што докажуваат и обвинуваат, будат свест и предлагаат акција. Некаде на почетокот на 1960-тите години младото момче Роберт Цимерман ќе се одважи и ќе се нарече Боб Дилан, ќе го испуши својот прв џоинт, ќе го прочита Џек Керуак, првпат ќе ги слушне плочите на Вуди Гатри, ќе се разбуди поетот во него, ќе напише и ќе испее неколку оди на бесмртноста и елегични химни, кои во тоа турбулентно време веднаш ќе добијат статус на класици на жанрот. Тоа се „Blowin in the Wind“, „The Times They Are a-Changin“, „Like a Rolling Stone“, „Masters of War“ и многу други. Со овие вонвременски музички хитови Дилан станува неприкосновен фолк-херој. Тој ја воспоставува врската на фолкот со рокенрол-движењето, при што и на фолкот и на рок-музиката им подари поезија и трајно лирски ги збогати.
Почна старите фолк-песни да ги изведува во свој стил, при што на старите напеви внесуваше нови теми и содржини. Се обидуваше низ традиционалното (фолкот) да дојде до модерното (рок-музиката). Дефинитивно, во тоа и успеа. Во оваа мисија не беше осамен. Во остварувањето на неговата мисија друштво му правеа престижните ветерани на њујоршката сцена Гриниџ Вилиџ – Џоан Баез, Дејв Ван Ронк, Дејвид Бромберг, Том Пакстон, Фил Кокс. Најмногу несебично му помагаше босоногата Ла Пасионарија на американскиот фолк – Џоан Баез. Таа беше вистинска ѕвезда, која со својот преубав ратоборен сопран ги ширеше идеите на слободата, љубовта и мирот, помеѓу стотици илјади протестанти на маршовите, протестите против војната, расизмот и нуклеарното наоружување, а за одбрана на човековите права и зачувување на животната средина. А да не заборавиме дека ако не беше фолкот ќе ги немаше и легендарните „Битлси“. Секако, и „Џеферсон еарплејн“, „Брдс“ и „Лав“. Битлси во 1965г. ја испеаја песната „I’m a Loser“, како директно влијание од Боб Дилан. Една година пред нив „House of the Rising Sun“. Oвoj нивни светски мегахит е традиционална фолк-песна. Ерик Барден, лидерот на групата, песната ја чул во еден паб во Њукасл, ја преработил, групата ја ставила на нивниот концертен репертоар и другото е историја. Песната стана еден од најголемите музички хитови во историјата на рок-музиката. Музичките хроничари се согласни дека основите на фолк-рок музиката ги поставил Боб Дилан со снимањето на песната „Mr. Tambourine man“ во 1965 г. Овој музички жанр особено е застапен во Калифорнија и придонесе изведувачите како „Крозби, Стил и Неш“ и „Мамас и Папас“, и покрај сите негодувања на музичките критичари, да се префрлат на електрични гитари. На источниот брег во Њујорк, се појавиле изведувачи како „Ловин Спунфил“ и „Сајмон и Гарфанкел“. Познатото дуо ги издава песните „Sound of silance“ и „Bridge over Troubled Water“, типични фолк-нумери, кои стануваат нивни најголеми хитови.
Неоспорен факт е дека рок-музиката е родена како вонбрачно дете на кое не му е признаено минато, ниту пак му предвидувале некоја голема и долга иднина. Се верувало дека ќе трае онолку колку што и сите чуда – три дена. Знаеме, тоа не се случило, веројатно поради здравите корени и добро поставените основи, па така, рок-музиката се покажала како доста жилава материја, која егзистира до ден-денес, развивајќи се во нови и понови правци и жанрови. Така, рок-музиката стана развиена, сложена и во сите азимути насочена уметничка форма. Стана платформа за протести против инертните сфаќања и ставови на естаблишментот и против лажните вредности воопшто. На тој начин се претвори во планетарен медиум на уметничка и генерациска комуникација, при што е вистински начин и облик на психолошка еманципација на младите и на нивниот социјален израз. Од ономатопеја и вербални клишеа, на почетокот, сега е вистинска автентична поезија, која тешко дека можеше да се создаде надвор од рок-медиумите. Рок-поетите во рокот открија двонасочен разговор со самите себе, со своите наследници и оние следните, по нив. Тоа е така, зашто покрај рокот и низ рокот, кога се гледа, се гледа пошироко. Кога се верува се верува поискрено. А кога се сомнева се сомнева со целата генерација. На тој начин рок-авторите и рок-изведувачите, станаа хроничари на времето во кое живеат, но и на времето идно.
Сотир Костов