Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија имаат исклучително одвоени дневни рутини, открива „Вашингтон пост“. Тој станува во 5.30 часот наутро, по што ги следи вестите, информативните емиси и пишува објави на социјалната мрежа Твитер. Првата дама се буди малку подоцна, за да го подготви нивниот 12-годишен син Барон за на училиште, според извори блиски на претседателскиот пар.
Дневниот распоред на Меланија е одвоен од оној на Доналд Трамп, па така, таа не ги коментираше јавно обвинувањата за аферите со Сторми Даниелс и со Карен Мекдугал, со кои се соочува нејзиниот сопруг. Но, Меланија почна почесто да се појавува во јавноста, за што доказ претставува и нејзиното свикување на прес-конференција во Белата куќа, што беше незамисливо до неодамна.
– Нејзиното внимание досега беше насочено кон проблемите кои се однесуваат на децата во САД, а овој настан треба да ја формализира нејзината улога во следните три години – кажа Стефани Гришам, гласноговорничката на првата дама.
Познавачите на состојбите истакнуваат дека интеракцијата помеѓу двојката во текот на јавните настани честопати била чудна, што е забележливо според одбвивањето на Меланија да ја држи раката на Трамп, во повеќе наврати.
Тие се одвоени и во текот на нивното слободно време. Лидерот на САД ги поминува викендите играјќи голф со политичари, бизнисмени и претставници на медиумите, на Флорида, без неговата сопруга. Трамп не јаде заедно со Меланија во Белата куќа, според нивните сегашни и поранешни вработени. Американските медиуми посочуваат и дека тие патуваат одвоено.
Меланија не дава интервјуа често, но во текот на претседателската кампања истакна дека таа и нејзиниот сопруг се „многу самостојни и дека си даваат слободен простор“.
Но, според нивните познаници, јазот помеѓу двојката се продлабочил по неодамнешните обвинувања за афери на претседателот, па така, првата дама го реновира источното крило на Белата куќа каде што го поминува времето, додека Доналд Трамп најчесто е во западното крило.
– Меланија ретко стапнува во западното крило – открива извор на весникот.
Постојат и други спротивности помеѓу Доналд и Меланија. Тој го користи Твитер за да им се потсмева на противниците, честопати и да ги навредува, додека Меланија се залага против говорот на омраза на социјалните мрежи.
Залагањето за совесно користење на социјалните мрежи, сепак, не ја поштеди Меланија Трамп од бројните шеги на нејзина сметка, како што е случај со кампањата „Слобода за Меланија!“ во рамките на која, преку шеги и скечеви, се прикажува како таа, наводно, е заробена и несреќна во Белата куќа.
За Меланија се грижи персонал од десетмина, што е отприлика двојно помалку во однос на персоналот што го имаше на располагање претходната прва дама на САД, Мишел Обама. Блиските извори откриваат дека Словенката земала книги од Белата куќа, што треба да и помогнат при изучувањето на улогата на прва дама.