Организаторите на гранслем-турнирот Вимблдон одредија дел од тенисерите што ќе играат со покана, меѓу кои Багдадис во поединечна конкуренција и Хјут во игра на двојки
Организаторите на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон ги одредија првите играчи што со покана ќе настапат годинава на турнирот, кој почнува на 1 јули. На листата, меѓу другите, е некогашниот играч од врвните 10 и полуфиналист во 2006 година, Маркос Багдадис (34) од Кипар, потоа Британците Џејмс Вард, Џеј Кларк и годинашниот првак во НЦАА, Пол Џаб…, а Австралиецот Лејтон Хјуит доби покана да игра во двојки. Тој беше победник на Вимблдон во поединечна конкуренција во 2002 година, а во двојки најголем успех му е играње во трето коло.
Другите играчи што ќе добијат покана ќе бидат објавени деновиве (вкупно ќе има по осум во машка и во женска поединечна конкуренција, како и по седум во двојки). Во минатото најголемиот успех на Вимблдон со покана го направи Хрватот Горан Иванишевиќ, кој така ја освои титулата во 2001 година. Само двајца тенисери што не биле носители го освоиле трофејот, Борис Бекер (1985 г.) и Иванишевиќ.
Организаторoт на престижниот тениски турнир го зголеми наградниот фонд за годинешното издание. Така, победниците во машка и женска конкуренција ќе заработат по 2,35 милиони фунти, што е за 100.000 фунти повеќе од минатата година, а вкупниот фонд за награди ќе изнесува 38 милиони фунти (49,4 милиони долари), па вкупното зголемување на наградниот фонд ќе биде четири милиони фунти.
Зголемен награден фонд ќе има и за тенисерите и за тенисерките што натпреварувањето ќе го завршат во првите кола. Така, заработката на квалификантите и на тие што ќе го завршат настапот во првите три кола ќе биде за 10 отсто поголема од минатата сезона. Елиминација, пак, во првиот круг на тенисерите ќе им обезбеди по 45.000 фунти.
Пред две години, „САД опен“ стана првиот тениски турнир чиј награден фонд надмина 50 милиони долари, а победниците таму добиваат по 3,89 милиони долари.
Титулите од минатата година на „Вимблдон“ ќе ги бранат Србинот Новак Ѓоковиќ и Германката Анжелик Кербер. Новитет околу правилата на годинешниот Вимблдон е тоа што нема да се користи часовникот што ќе го одбројува времето за сервирање, а е прифатено во решавачкиот сет тајбрејкот да се игра при резултат 12-12.