Шампионатот на Јужна Америка, што од петок треба да се игра во Бразил, ќе биде последно што ќе се одржува во непарни години, па од в година ќе се игра во иста година и во исто време (јуни-јули) со европските првенства
Идната недела почнува најстарото континентално натпреварување за фудбалски репрезентации, првенството на Јужна Америка, познато како Копа Америка. Шампионатот што се игра од пред 103 години од 14 јуни ќе го има 46-то издание, овој пат во Бразил, првпат по 30 години. Во Јужна Америка има 10 репрезентации, а традицијата воспоставена во 1993 година ќе продолжи и овој пат, па ќе настапат и две гостински селекции, сега тоа ќе бидат Јапонија (вторпат, првиот пат во 1999 година) и Катар (дебитант), двете репрезентации што играа годинава во финалето на првенството на Азија (победи Катар).
Така, 12-те репрезентации ќе бидат поделени во три групи. По трите кола во четврт-финалето ќе се пласираат првопласираните две селекции од секоја група, како и две најдобри меѓу третопласираните.
Мечевите ќе се играат на шест стадиони во пет града, и тоа во Рио де Жанеиро, Сао Паоло, Порто Алегре, Бело Хоризонте и во Салвадор. Финалето, како и на Светското првенство во 2014 година, ќе се игра на стадионот „Маракана“. Титулата ќе ја брани Чиле, кој славеше на јубилејното вонредно издание, играно во САД, во 2016 година, на стогодишнината од првата Копа Америка, а Чиле победи и една година порано, на шампионатот на свој терен. Во двата случаја Чиле во финалето на пенали ја победи Аргентина.
Годинашната Копа Америка ќе биде и последна што ќе се игра во непарна година. Следното издание е закажано за во 2020 година во Колумбија и во Аргентина, а потоа следното во 2024 година итн. Така, од в година секои четири години истовремено (јуни-јули) ќе се играат првенствата на Јужна Америка и на Европа.
Од десетте репрезентации само две не биле прваци на континентот, Еквадор (најголем успех се двете четврти места) и Венецуела (еднаш четврта). Најуспешен е Уругвај со 15 титули, една повеќе од Аргентина. Потоа следуваат Бразил со осум, Парагвај, Чиле и Перу имаат по две, а по еден трофеј освоија Колумбија и Боливија.