Старите познавачи на занаетот за чистење на оџаците велат дека младите не се заинтересирани да бидат оџачари. Во таа насока, градските власти најавија дека ќе спроведуваат обука за оџачари на 25 невработени работоспособни лица. И ако за оџачарите постои изрека дека носат среќа, дали оваа мерка ќе ни донесе среќа и во борбата со загадениот воздух?
Загадувањето на воздухот во моментов не е многу актуелна тема за скопјани, а одамна и престанаа да чадат куќните оџаци. Граѓаните најчесто се неинформирани и не знаат дека неисчистени оџаци не само што загадуваат и произведуваат најмногу штетни ПМ 10 честички, туку се и потенцијална опасност за опожарување на нечиј дом. Граѓаните знаат да подзаборават на сериозните проблеми со кои се соочуваа во текот на есенските и на зимските денови во однос на загадувањето, па можеби и затоа го занемаруваат сега чистењето на оџаците. Многу од експертите на оваа тема се согласија дека греењето на дрва иако не е главната причина за загадувањето, со голем дел придонесува за лошите услови во кои се наоѓа атмосферскиот воздух во студените денови.
Според некои податоци, само во главниот град има над 60 илјади оџаци, но не само од домаќинствата. Во оваа бројка покрај куќните вброени се и индустриските оџаци, но и сите други од угостителски или од стопански објекти што користат машини или огрев што предизвикува емисии на гасови на каков било начин. Веројатно не е мала бројката на оџаците и во другите градови во кои нема централно греење и каде што домаќинствата повеќе користат огревно дрво за загревање на домовите. Она што во моментов е важно дека како и во сите други занаети, во земјава има дефицит и од оџачари. Старите познавачи на занаетот за чистење на оџаците велат дека младите не се заинтересирани да бидат оџачари. Во таа насока, градските власти најавија дека ќе спроведуваат обука за оџачари на 25 невработени работоспособни лица. Проектот е во соработка со Агенцијата за вработување на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика. Тримесечната обука ќе почне на 1 јуни и ќе трае три месеци, а пријавите ќе можат да се доставуваат до 10 мај.
Градоначалникот Петре Шилегов неодамна стави фокус на оџаците поради тоа што наталожените честички во нив го загадуваат воздухот. Шилегов кажа дека во Скопје има само 8 регистрирани оџачари, а 45 отсто од вкупниот број домаќинства во Скопје се греат на дрва, односно тоа е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во главниот град.
Овој период од годината е најпогоден и треба да се искористи од страна на домаќинствата што се греат на дрва или воопшто имаат какви било оџаци да ги исчистат и да се осигурат дека тие нема да загадуваат и да создаваат проблеми во текот на наредната грејната сезона. Но оџачарите што ја работат оваа работа тврдат дека граѓаните најчесто не се заинтересирани за чистење на оџаците. Причината е неинформираност или, пак, цената за чистење на еден оџак, која можеби не можат да си ја дозволат. Во зависност од видот и големината на оџакот, како и од работата што треба да се сработи за да се исчисти како што треба, едно домаќинство треба да издвои најмалку 1.200 денари.
– Граѓаните најчесто не ги чистат оџаците поради неинформираност. Познато е дека опасноста од запушени и неисчистени оџаци е голема. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако чистењето не се спроведува редовно. Препорачливо е оџаците да се чистат 3 пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена. Цените за чистење оџаци се движат од 1.200 денари па нагоре, односно оваа цена важи за приземни објекти и истата таа расте доколку оџаците минуваат на повеќе катови и се поголеми – објаснува сопственикот на една скопска оџачарска служба.
Од службите што се занимаваат со чистење оџаци, велат дека има потреба од кадри и ретко кој е заинтересиран да ја работи оваа специфична работа. Од приватните фирми што се занимаваат со оџачарство, сметаат дека потребни се поголем број вработени за да се извршуваат работите.
Според градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, до почетокот на грејната сезона треба да се исчистат илјадници оџаци, а со тоа да се намали загадувањето и да се зголеми безбедноста на граѓаните.