Во организација на Владата, АД „Електрани“, Амбасадата на САД и ЗИП Институтот се одржува вториот по ред Македонски енергетски форум 2019 на тема „Енергетска транзиција преку обновливи извори и енергетска ефикасност“, на кој врвни експерти, претставници на компании и од извршната власт дебатираат за важни теми од областа на енергетиката.
На третата панел-дискусија од првиот ден на Македонскиот енергетски форум се зборуваше на тема „Регионални предизвици во снабдувањето со гас“, на која свои обраќања имаа Цеси Скот, виш советник на „Агора енергиевенде“ од Берлин, Ростислав Палагусинец од Амбасадата на Украина во земјата, Ден Милстејн, директор на европската регионална канцеларија во одделот за енергетика, Министерството за енергетика од САД, Бранко Миличевиќ, експерт за економски прашања, група експерти за гас, УНЕЦЕ, Барнум Пиечоровски, раководител на одделот за развој на бизнисот во Балканскиот Регион, УНИПЕР и Сотирос Никас, виш советник на DESFA од Грција.
Претставникот на Амбасадата на Украина во земјата, Палагусинец, зборуваше за предизивиците со кои се соочувала Украина во намалување на енергетската зависност од снабдувањето на гас од Русија.
– Дебата се спроведува и во Министерството на САД за диверзификација на снабдувањето со енергенси во регионот. Расте побарувачаката за електрична енергија во земјата и регионот, особено во зимскиот регион. Доколку има дистрибитувни мрежи за гас во другите градови во Северна Македонија, тогаш граѓаните ќе го користат и ќе има економско оправдување. Безбедноста и стабилноста во снабдувањето со енергија се важни и мора да има диверзификација во снабдувањето – рече Милстејн. Тој додаде дека се очекува за Македонија и регионот во наредниот период да се воспостави снабдување со ЛНГ-природен гас од САД.
На панелот се дискутира за можностите и економските бенефити од снабдувањето со гас како поевтин енергент, за ЛНГ-течниот природен гас, како и за важноста од изградба на гасна инфраструктура. Беше нагласено дека е неопходно да се овозможи енергетска независност во снабдувањето со гас за да се обезбеди конкурентност на цената, а со тоа да се заштити пазарот и да се избегнат ризиците од политички влијанија.
Советникот на премиерот Заев за енергетика, Митко Андреевски, рече дека по постигнувањето на ореспанскиот договор, се отворија можности да се забрза проектот за изградба на интерконекоторот помеѓу Република Македонија и Грција, што ќе овозможи диверизификација во снабдувањето со гас за нашата земја.
– Се надевам дека третата точка ќе биде за поврзување со Северна Македонија. Двете страни работат на тоа. До сега имаме поднесено студии за одобрување и студии за животната средина. Активностите за градба треба да почнат во јуни 2021. Техничките детали се утврдени. Финансирањето на проектот ќе биде 37 отсто од ЕУ-фондови, а во Северна Македонија имате обезбедено 95 отсто од финансииите за проектот. Единственото отворено прашање е тестирањето на пазарот – рече Сотирос Никас, виш советник на DESFA од Грција, и сподели искуства од Грција за начинот на организација на енергетскиот пазар во Грција.
Барнум Пиечоровски, раководител на одделот за развој на бизнисот во Балканскиот Регион во компанијата УНИПЕР, која е дел од Е – ОН, рече дека Македонија и регионот ќе имаат можност да се снабдуваат и од ТАП-гасоводот во кој тие се дел од сопственичката структура.