Додека чекаат нивните земји да станат полноправни членки на Европската Унија, граѓаните на некои земји на Стариот Континент не само што работат за многу пониски плати туку остваруваат и поголем број работни часови во текот на неделата од работниците во многу поразвиените земји на Унијата. Тоа го покажа неодамнешното истражување на Евростат и на европската фондација за унапредување на животните и работничките услови „Еурофонд“, кое, меѓу другото, утврдило и дека од земјите во регионот, најмногу се работи во Црна Гора и во Македонија.
Имено, законски пропишаното работно време во ЕУ може да трае 40,5 работни часа во текот на една недела, а Евростат утврдил дека тоа изнесува 40,2 часа, при што најдолгата работна недела е во Велика Британија – 42,1 часа, додека најкратка работна недела е во Данска, со вкупно 37,8 одработени часа. Од европските земји што не се членки на Унијата, најмногу се работи во Турција – 49,1 часа.
Интересно е што, според анализата на Евростат, за земјите од регионот се наведува дека најмногу за време на една недела се работи во Црна Гора – 43,6 часа седмично, па потоа следува Македонија со 42,3 часа. Хрватите имаат со закон утврдено работно време од 40 часа, а одработуваат нешто околу 40,4 часа, што е над просекот во земјите членки на Европската Унија. И во Словенија се работи над просекот – 40,9 часа седмично. Податоците за должината на работната недела во БиХ и во Србија не се објавени во извештајот на Евростат.
Во Германија, наместо со законот и со колективниот договор пропишаните 37,7 часа, се работело 40,3 часа. Во Франција, Белгија и во Холандија работеле по нешто над 39 часа седмично, а интересно е да се спомене дека Финците, кои се сметаат за „европски Јапонци“, исто како и Норвежаните и Швеѓаните, работат помеѓу 38 и 39 часа неделно.
Според наведените разлики во остварениот број на работни часови, нето-месечната плата на просечниот Турчин, на пример, е речиси девет пати помала од просечната плата на Данец, а работниот час во Данска се плаќа 11,6 пати повеќе отколку во Турција.