Американскиот претседател Доналд Трамп нареди воведување тарифи за сите кинески производи, во вредност од дополнителни 300 милијарди долари. Од друга страна, Кина најави соодветни контрамерки на американската одлука за дополнително зголемување на царините за кинеските производи од десет на 25 отсто. Официјален Пекинг вчера објави дека од 1 јуни воведува царини за американски производи од 60 милијарди долари

Трговската војна помеѓу САД и Кина влегува во нова, поостра фаза, откако преговорите помеѓу двете страни пропаднаа во петокот, а американскиот претседател Доналд Трамп нареди воведување тарифи за сите кинески производи, во вредност од дополнителни 300 милијарди долари. И покрај оцените на неговите економски советници, Трамп тврди дека најновото зголемување на тарифите нема да има големи последици за САД, односно за американските бизниси. Преговорите помеѓу Вашингтон и Пекинг беа прекинати без никаков напредок, по што шефот на Белата куќа, очигледно нервозен од таквиот развој на настаните во кој неговите политичко-економски притисоци врз Кина не доведоа до омекнување на нејзините ставови, се одлучи на ескалирање на трговската војна со економскиот џин од Азија. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди дека ескалацијата на американско-кинеските трговски тензии е еден од главните фактори за значително ослабениот глобален економски пораст кон крајот на ланската година.

Кина најави соодветни контрамерки на американската одлука за дополнително зголемување на царините за кинеските производи од десет на 25 отсто. Пекинг вчера објави дека од 1 јуни воведува царини за американ­ски производи од 60 милијарди долари.
Според американскиот претседател, САД се на вистинското место во однос на Кина.
– Ние сме токму на она место каде што сакаме да бидеме со Кина. Не заборавајте, тие го прекршија договорот со нас и се обидоа повторно да преговараат. Ќе добиеме десетици милијарди долари од царините со Кина. Купувачите на производот ќе можат сами да го направат во САД, што би било идеално, или да го купат од неоцаринетите земји – порача Трамп.
Канцеларијата на трговскиот претставник на САД соопшти дека добиле наредба да почнат со зголемување на царините на речиси сите преостанати кинески производи, чија вредност се проценува на 300 милијарди долари. Повисоките тарифи, како што наведува Би-би-си, ќе бидат платени од американските компании што увезуваат производи од Кина. Економистите проценуваат дека царината од 25 отсто ќе биде многу потешка за американските бизниси во однос на тарифата од десет проценти, што значи дека тие најверојатно ќе префрлат дел од трошоците врз потрошувачите.
Претходно, економскиот советник на Трамп, Лери Кудлоу, порача дека двете страни ќе страдаат во трговската војна. Одговарајќи на новинарското прашање дали е во ред американските бизниси и американските потрошувачи да ја плаќаат цената за зголемените тарифи, тој истакна дека делумно се согласува со таквата политика.
– Двете страни ќе страдаат. Сепак, има голема можност Трамп да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг во јуни на самитот на Г20 во Јапонија – додаде Кудлоу.

Официјален Пекинг соопшти дека длабоко жали за американската одлука за зголемување на тарифите и дека ќе мора да возврати со неопходни контрамерки. Во минатото, Кина воведуваше одмазднички тарифи речиси веднаш по стапувањето во сила на американските царини. Вашингтон тврди дека кинескиот трговски суфицит со САД е резултат на неправедната практика, вклучувајќи ја и државната помош за домашните компании. САД исто така ја обвинуваат Кина и за крадење интелектуална сопственост од американските фирми.
Еден од елементите на американскиот притисок врз Кина, според порталот „Геополитика“, е и најновиот обид на Трамп за приближување кон Русија, што на Кина во никој случај нема да ѝ се допадне. По завршувањето на истрагата за наводните незаконска соработка помеѓу Трамп и Русија во однос на изборите од 2016 година, американскиот претседател сега има многу поголем маневарски простор.
– Тактиката на Трамп може да се објасни со следното: таа одговара на профилот на искусен бизнисмен, што всушност тој и е, кој евентуалното постигнување на трговски договор успешно ќе го претвори во своја голема политичка победа, неопходна за негов успех на идните претседателски избори во САД во 2020 година – оценува „Геополитика“.

Порталот предупредува дека глобалната криза, која силно би ја потресла светската економија, за Вашингтон можеби е и последна опција за обид за зачувување на глобалната доминација, со оглед на фактот дека најдобро се снаоѓа во хаотични услови бидејќи има најголема финансиска моќ и најголемо влијание врз светските финансиски институции уште од завршувањето на Втората светска војна.


„Блумберг“: Кина ќе се соочи со големипроблеми во трговската војна

Кина ќе се соочи со најголеми проблеми во историјата при извршувањето на финансиските обврски поради трговската војна со САД, која зема сѐ поголем замав. На кинеските организации им недостигаат финансиски средства, бидејќи Владата ја засили контролата над т.н. банки во сенка, оценува американската агенција „Блумберг“.
Од почетокот на годинава, според „Блумберг“, кинеските компании веќе објавија неспособност околу намирување на внатрешните обврски, во висина од 5,8 милијарди долари.
– Ако ништо не се промени, 2019 година ќе покаже нов максимум на колабирањето на кинескиот пазар на обврзници – заклучува „Блумберг“.


Саудиски и емиратски танкери цел на саботажа

Најмалку два саудиски танкери за нафта биле нападнати кај брегот Фуџејре, кој им припаѓа на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Саудискиот министер за енергетика Халид ел Фалих изјави дека се работи за саботажен напад, со што, според него, доведена е во прашање безбедноста на снабдувањето со светска нафта. Саудиското МНР соопшти дека нападите кај брегот на ОАЕ се опасна закана за безбедноста на пловидбата и меѓународната безбедност, пренесе „Ројтерс“.
Според Фалих, еден од двата танкера бил на пат кон пристаништето Рас Танура, каде што требало да презема нафта, за потоа да им ја испорача на купувачи од државната нафтена компанија „Сауди Арамо“ во САД, рекол министерот Фалих.
Во нападите нема повредени лица или истекување на нафта, но е предизвикано значајно оштетување на структурата на танкерите.
Министерството за надворешни работи на ОАЕ завчера соопшти дека четири брода биле предмет на „саботажна операција“ блиску до територијалните води на Емиратите и дека нема жртви.


Шведска ќе побара екстрадиција на Асанж

Шведската главна јавна обвинителка Ева Мари Персон потврди дека Шведска претстојните денови ќе побара екстрадиција на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Персон претходно потврди дека повторно ќе го отвори случајот за обвинувањата за наводно силување против Асанж. Основачот на Викиликс сега се наоѓа во лондонскиот затвор „Белмарш“, откако беше осуден за непочитување на условите на кауцијата и казнет со 50 недели затвор.
Асанж седум години успеваше да ја избегне екстрадицијата во Шведска, откако побара засолниште во еквадорската амбасада во Лондон во 2012 година, од каде што беше ненадејно исфрлен минатиот месец.
Американските власти исто така бараат испорачување на 47-годишниот новинар, поради обвинувањата дека во заговор со Челзи Менинг незаконски навлегол во компјутер на Пентагон и украл државни тајни. Шведската обвинителка исто така порача дека британските власти треба да донесат одлука дали е поприоритетно барањето за екстрадиција во Шведска или во САД.

[email protected]