Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги зголеми повеќе од двојно тарифите на кинеските производи, во вредност од 200 милијарди долари. И покрај ваквата реторика, двете страни вчера во Вашингтон почнаа нова рунда од трговските преговори, пренесува Би-би-си

Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Кина дека го прекршила договорот од трговските преговори, зголемувајќи ги тензиите пред најновите разговори помеѓу двете страни. Коментарите на Трамп следуваат откако Пекинг порача дека ќе се одмазди со неопходни контрамерки, доколку САД ги зголемат тарифите на кинеските производи. Шефот на Белата куќа вети дека ќе ги зголеми повеќе од двојно тарифите на кинеските производи, во вредност од 200 милијарди долари. И покрај ваквата реторика, двете страни вчера во Вашингтон почнаа нова рунда од трговските преговори, пренесува Би-би-си.

Пред средбата во американската престолнина, Трамп ги обвини кинеските лидери за непочитување на договорот што САД го преговараат за трговијата.
– Тие го прекршија договорот. Не може да го прават тоа. Затоа тие ќе платат. Доколку двете страни не постигнат договор, тогаш нема ништо лошо во собирањето над сто милијарди долари годишно – изјави американскиот претседател пред своите приврзаници во Флорида.

До неодамна двете страни изгледаа дека се блиску до постигнување договор, со што ќе ѝ се стави крај на трговската војна. Но Трамп во саботата порача дека САД ќе ги зголемат тарифите за кинеските производи, во вредност од 200 милијарди долари и дека ќе воведат нови давачки. Американскиот трговски претставник Роберт Лајтизер подоцна ја обвини Кина дека не ги почитува обврските од трговските преговори. Сепак, тој инсистира дека сѐ уште е можно постигнување договор со Пекинг.

Ескалацијата на трговската војна помеѓу двете земји ги потресе финансиските пазари низ светот. На почетокот од седмицава, цената на акциите на глобалните берзи се намалија како одговор на најавата за воведување повисоки тарифи. Лајтизер во средата издаде официјално известување, во кое е наведено дека царинските давачки за широк спектар на кинеска електрична опрема, машинерија, автоделови и мебел денес ќе бидат зголемени до 25 отсто. Зголемувањето на тарифите за кинески производи од десет на 25 проценти требаше да биде спроведено на почетокот од годинава, но одлуката беше одложена поради интензивирањето на трговските преговори. Доколку САД останат на одлуката, Кина соопшти дека ќе возврати со иста мера.

– Ескалацијата на трговскиот спор не е во интерес на народите на двете земји, како и воопшто за луѓето во светот. Кинеската страна длабоко жали ако се имплементираат американските тарифни мерки, но Кина ќе мора да преземе неопходни контрамерки – се наведува во соопштението на кинеското министерство за трговија.

Двете земји веќе воведоа тарифи за меѓусебните производи, предизвикувајќи несигурност за бизнисите и неизвесност за глобалната економија. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди дека ескалацијата на трговските тензии помеѓу САД и Кина е еден од факторите што лани придонесе за значително помала експанзија на глобалната економија. ММФ исто така ги намали прогнозите за глобалниот економски пораст за 2019 година.

[email protected]


Северна Кореја повторно лансира балистички проектили

Северна Кореја повторно лансира проектили од провинцијата Северен Пјонгјанг. Не е идентификуван типот на проектил, но јужнокорејската војска соопшти дека најверојатно станува збор за ракета со краток дострел. Лансирањето на проектилите се случува само неколку часа по пристигнувањето во Сеул на американскиот специјален претставени за Северна Кореја, Стивен Биган.
Генералштабот на војската на Јужна Кореја соопшти дека двата проектила летале 420 километри и 270 километри кон исток. Според Ројтерс, деталната анализа била спроведена од јужнокорејската армија во соработка со американски разузнавачки претставници.
Само пред неколку дена, Пјонгјанг спроведе воена вежба во текот на која беа истрелани повеќе проектили, вклучувајќи и ракета со краток дострел. Северна Кореја преку државните медиуми соопшти дека лансирањето проектили во саботата е дел од редовните дефанзивни воени вежби.
Најновото лансирање проектили се случува во период на застој на дипломатскиот процес помеѓу Северна Кореја и напорите да се намали севернокорејскиот нуклеарен капацитет. На историскиот самит помеѓу претседателите Доналд Трамп и Ким Јонг-ун во јуни 2018 година беше договорено дека ќе се работи на целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров. Меѓутоа, по ланскиот самит не е остварен никаков конкретен напредок, втората средба помеѓу двајцата лидери во Ханој заврши со неуспех. Ким, според мислењето на Трамп, барал преголемо укинување на санкциите во замена за почеток на демонтирањето на севернокорејскиот нуклеарен арсенал.