Покрај претходно пријавените 190 граѓани во кичевско-бродскиот регион да гласаат во домашни услови, за вториот изборен круг дополнително се пријавија 52 лица, или вкупно 242 избирачи, кои поради болест, изнемоштеност или туѓа нега, ќе гласаат во домашни услови.
Од трите општини во овој регион, најкарактеристична е Пласница, каде што во првиот круг претседателски избори, за домашно гласање се пријавија 12 граѓани, а за вториот уште 17 граѓани.
– Ако во првиот круг имавме прифатено 12 барања за гласање во домашни услови, за вториот круг нивниот број изнесува 17, или вкупно 29 жители од нашата општина ќе можат да го искористат своето демократско право да гласаат во домашни услови, в сабота. Овие граѓани се од седум избирачки места, така што седум избирачки одбори ќе ги посетат граѓаните во нивните домови – истакна Анел Мехмед, претседател на ОИК за општина Пласница.
Во најголемата општина во регионот, општина Кичево, за вториот изборен круг пријавени се дополнителни 24 граѓани, кои поради болест или изнемоштеност побарале да гласаат во домашни услови, и в сабота 31 избирачки одбор ќе треба да посети 97 граѓани во нивните домови, за да гласаат во вториот изборен круг од претседателските избори.
Во општина Македонски Брод бројот на новопријавени граѓани е зголемен за 11 лица и вкупно 116 лица ќе гласат во домашни услови.
– За вториот изборен круг за гласање во домашни услови, имаме пријавено нови 11 граѓани и со оние 105 од првиот круг, вкупно 116 жители од оваа општина ќе го искористат своето демократско право да гласаат во домашни услови. Поради некомплетна докуменатција отфрлени се три барања. Овие 116 граѓани се во 32 избирачки места, колку што во сабота ќе бидат ангажирани да го спроведат гласањето во домашни услови – рече Лена Милошеска, претседателка на ОИК за Македонски Брод. З.А.