Во сценарио достојно за „невозможна мисија“, агенти на ЦИА своевремено грабнале советско вселенско летало и ги испитувале неговите тајни
Кога се случил овој подвиг? Тоа е тајна, исто како што е тајна и земјата во која се случил. Во една објавена декласифицирана статија на оваа тема во „Разузнавачки истражувања“, гласило на ЦИА, голем дел од текстот е затемнет од цензорите на американската разузнавачка агенција. Но статијата објавена од страна на националните безбедносни архиви е полна со неверојатни елементи. Уште повеќе, таа претставува одличен шпионски заплет.
Кражбата се случила кога Советите испратиле еден од нивните сателити „Луник/луна“ на турнеја низ неколку земји во раните денови од вселенската трка меѓу САД и Советскиот Сојуз. ЦИА, разбирливо, била заинтересирана за сателитите „Луна“ – над 40 од нив успешно или неуспешно орбитираа или слетаа на Месечината во периодот помеѓу 1958 и 1974 година. Написот од зимата 1967 година во „Разузнавачки студии“ се однесува на инцидент „од пред неколку години“, така што тој најверојатно се случил во почетокот на 1960-тите. Советите инкасираа пропагандни поени од нивната технолошка моќ со прикажување на сателитот „Луна“ кај своите сојузници.
ЦИА знаела дека Советите не се луди да испратат вистинска „Луна“ во трети земји, но сепак решила да го „ѕирне“ сателитот што бил претставен на изложба во еден град. Во статијата се наведува дека по завршувањето на изложбата, група разузнавачки агенти имале неограничен пристап до сателитот околу 24 часа. Со други зборови, американските шпиони успеале незабележливо да организираат приватна изложба на советскиот сателит.
Американските агенти биле изненадени кога откриле дека тоа била вистинска „Луна“, но без моторот и електричните компоненти. Желна да ги погледне уште еднаш советските технолошки тајни, ЦИА испратела експерти на задача да ги фотографираат компонентите и ознаките на опремата, со надеж дека тие ќе им откријат детали за советската вселенска програма.
Но кога изложбата се преселила во друг град, според еден извор наводно во Мексико, сателитот бил ставен под 24-часовна советска стража, па американските стражари не можеле да пристапат. Но шпионите на САД откриле дека по изложбата, „Луна“ требало да биде транспортирана со камион до железничка станица, а потоа во нареден град. Шпионите размислувале како да ја искористат шансата. Дали да го пренасочат товарниот вагон? Не, тоа не било изводливо. Што ако го киднапираат камионот на пат кон железничката станица?
ЦИА организирала „Луна“ да биде во последниот камион што ја напуштил изложбата таа вечер. Откако се осигурила дека советски стражари нема да го придружуваат возилото, камионот бил запрен на последното исклучување, околу сандакот била префрлена нова церада, а зад воланот седнал друг возач.
Што се случило со првиот возач на камионот? Податоците на ЦИА само откриваат дека тој бил испратен со придружба до една хотелска соба, каде што бил задржан во текот на ноќта. Како бил „задржан“ не е јасно, но не би изненадило ако притоа биле вклучени пари, алкохол или проститутки.
За среќа, советскиот претставник чекал уште малку на железничката станица, а потоа заминал во својата хотелска соба без да алармира дека го нема сателитот.
Техничарите на ЦИА можеле да се фрлат на работа. Со скала се качиле на високиот сандак, делумно го расклопиле леталото, при што отстраниле 130 завртки од отворот на моторот и ја фотографирале неговата внатрешност.
Операцијата почнала во 19.30 часот, а до пет часот утрото „Луна“ била вратена во камионот и вистинскиот возач ја транспортирал до железничката станица. Кога советскиот претставник се вратил во седум часот изутрината, тој го нашол камионот како го чека на станица и не се посомневал во ништо.
Што открила тајната операција? Според написот на ЦИА, анализата на фабричките ознаки открила во која фаза била советската програма „Луна“, односно дека станувало збор за шесто такво произведено летало, а биле идентификувани и трите производители што ги испорачале електричните компоненти, како и други детали за советската вселенска програма. Дали операцијата направила разлика во конечниот исход од вселенската трка? Веројатно не. До 1967 година, Советскиот Сојуз веќе заостанувал зад САД, кои веќе се подготвувале за слетувањата на „Аполо“ две години подоцна.