Во Словенија заминуваат и жените чија бременост е последица на силување, а во Хрватска им се одбива барањето за прекин на бременоста на што имаат право со закон
Во последните три месеци за 25 отсто се зголемил бројот на жените што прават абортус во словенечките болници, а најмногу во блиското гратче Брежице. Причината за ова е големиот процент на гинеколози во Хрватска што одбиваат да вршат абортуси, поради повикување на совеста. Во соседната Словенија овој процент е понизок, и од десет гинеколози само тројца одбиваат да им ја даваат оваа услуга за пациентките.
Повикувајќи се на информациите објавени на сајтот на Центарот за едукација, советување и истражување (ЦЕСИ), здравствените работници во Словенија кон жените се однесуваат со почитување и со одобрување на нивниот избор. Во оваа земја е достапен абортусот, а цената за оваа услуга за странските државјани е 200 евра, пишува „Јутарњи лист“.
Во Словенија заминуваат и жените чија бременост е последица на силување, а во Хрватска им се одбива барањето за прекин на бременоста на што имаат право со закон, објаснуваат од ЦЕСИ. Словенечката радио-телевизија направи десетминутен прилог за оваа тема со наслов „Право на избор“, во кој се пренесуваат потресни сведоштва од жени, кои биле принудени бременоста да ја прекинат во Словенија.
– Крвавев од првиот ден на бременоста. Лекарот не можеше да го открие пулсот на фетусот. Сакав да извршам превентивен абортус, но лекарите во Хрватска не сакаат да го сторат тоа. Нивниот однос беше понижувачки и се чувствував очајно. Затоа заминав во Словенија – вели една неименувана жена.
Гинекологот од болницата во Брежице Матеја Вукмановиќ Похар открива дека од Хрватска доаѓаат претежно млади жени, на возраст од 20 до 30 години.
– До 12-та недела на бременоста не ги прашуваме зошто се одлучиле за прекин на бременоста затоа што тоа е интимна работа на секоја жена. Таквата одлука е најтешка за нив – вели таа.
Кристина Чачиќ од невладината организација Б.а.Б. вели дека цената за абортус во Хрватска се движи од 1.870 до 3.000 куни (едно евро се менува за околу 8 куни).
Во телевизискиот прилог е пренесена и реакцијата на хрватската пратеничка од Мост Ивана Нинчевиќ Лесандриќ, која од собраниската говорница предупреди за извршувањето киретажи без анестезија, која предизвика голема јавна дебата во земјата.
– Атмосферата во општеството е таква што кон овие жени се пристапува со осуда и со навреди, а за абортусот се говори дека е убиство – вели Јасенка Грујиќ Корачин, гинеколог од Хрватска.
Од Хрватското католичко лекарско друштво истакнуваат дека никој не може да се принуди да се откаже од правото за повикување на совеста.
– Ние не студираме за да се откажуваме од повикување на совеста и да го прекинуваме животот пред самото раѓање. Кога би се забранило ова право, тоа би нѐ водело во тоталитаризам – вели Јасенка Катарина Маркељевиќ.
Соговорниците на словенечката новинарка објаснуваат дека за разлика од европското, хрватското општество станува сѐ повеќе традиционално и поконзервативно. Доколку се погледнат виталните статистички податоци, би се заклучило дека во Хрватска постои сигурен одлив на извршени абортуси во илегални институции.