Германската канцеларка Ангела Меркел на денешната заедничка прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон изјави дека одлуката за иранскиот нуклеарен договор останува на САД.
Таа рече дека ќе ги продолжи блиските разговори со САД во момент кога се приближува 12 мај, до кога Трамп треба да одлучи дали Вашингтон би вовел повторни санкции за Техеран, што би значело излегување од нуклеарниот договор.
Од своја страна, трамп изјави дека мора да се осигура дека Иран нема да дојде во посед на нуклеарно оружје.
– Иран нема да произведува нуклеарно оружје, рече американскиот претседател.
Што се однесува на претстојната средба со севернокорејскиот лидер, Трамп рече дека нема да дозволи Ким Џонг-ун да го изигра.
Воедно, Трамп истакна дека е „охрабрен“ од денешниот Самит на лидерите на Северна и Јужна Кореја, а Меркел го пофали за „силата“, што ја демонстрирал во однос на тоа прашање.
На тричасовната средба во Белата куќа станало збор и за трговијата. на прес-конференцијата Трамп истакна дека е посветен на коригирање на трговскиот дисбаланс меѓу САД и Европа.
Германската канцеларка истакна дека се можни преговори за билатерален трговски договор меѓу ЕУ и САД.
На почетокот на средбата, Меркел и Трамп срдечно се поздравија и покрај несогласувањата околу иранската нуклеарна програма и трговијата.