Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во текот на месец март годинава се пријавени 67 случаи на лица каснати од кучиња-скитници, и тоа само на подрачјето на Скопје. Вкупно 144 граѓани повеле судска постапка и побарале отштета од градот Скопје
Додека стационарот „Вардариште“ се трансформира во новото јавното претпријатие „Лајка“, кучињата-скитници дивеат по улиците. Речиси да нема ден, а да не се обелодени информација дека повторно има каснати луѓе од улични кучиња. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во текот на месец март годинава се пријавени 67 случаи на лица каснати од кучиња-скитници, и тоа само на подрачјето на Скопје. Вкупно 144 граѓани повеле судска постапка и барање за отштета од градот Скопје.
Во еден од дневните билтени на МВР, во рок од само 9 дена имаше 12 пријавени случаи. Во деновите од 20 март до крајот на месецот, седум од наведените напади беа во централното градско подрачје, поточно на улицата Македонија, кеј 13 Ноември и кеј Димитар Влахов. Ваквите напади се чести во центарот на градот, кој тежнее да биде метропола. Но никако не може да се вброи во оваа категорија ако неговите жители и туристите постојано се плашат да не бидат нападнати од кучиња кога шетаат низ центарот на Скопје.
Проблемот со кучињата не го засега само Скопје, туку и многу градови во земјава. Во февруари имаше тројца каснати од куче во Неготино и еден случај беше регистриран во Кавадарци, каде што човекот бил нападнат од глутница кучиња и заврши со рана од десет сантиметри во пределот на левата потколеница. Во Тетово исто така имаше пријава за напад од куче-скитник на 19-годишно момче во близина на бензинска пумпа во селото Желино. Во Охрид, пак, од кучиња-скитници беше нападнато дете.
Сето ова е само потврда дека граѓаните се под постојана закана од напади, а проблемот никако не се решава ниту во другите градови, ниту во Скопје. Уште во јануари скопскиот градоначалник Петре Шилегов ветуваше систематски пристап за решавање на проблемот со кучињата-скитници, за што рече дека се издвоени 10 милиони денари. Тогаш јавно кажа дека резултатите од мерките на градот Скопје за решавање на проблемот ќе бидат видливи на среден рок.
Дека нема никакви ефекти од системскиот пристап потврдуваат сите овие случаи, и покрај напорите на градот и невладините организации и назначените чекори од 17 страни, кои беа и во нивниот заеднички извештај.
Формирањето на новото претпријатие „Лајка“ сѐ уште е во постапка, а одлуката за неговото формирање беше донесена при крајот на февруари. Изминатиов период започнаа постапките стационарот „Вардариште“ да прејде од надлежност на ЈП „Комунална хигиена“ во посебното јавно претпријатие „Лајка“, кое под своја надлежност во целост ќе ги преземе активностите за заловување на животните-скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани. Во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе биде вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните. Имајќи предвид дека новото претпријатие не постои ни еден цел месец, треба време да се воспостави соодветен систем за работа (управни тела, нови практики на работа), но во почетниот период новото претпријатие ќе функционира со веќе постојната опрема и вработени, објаснуваат од градот Скопје.
И додека претпријатието се формира, скопјани со страв ќе шетаат по улиците.