Македонските фудбалски прволигаши (клубовите) на неодамнешниот самоиницијативен неформален заеднички состанок констатирале дека новите критериуми се престроги, а сумите што треба да ги добијат премали. Со таквиот став се согласуваат во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објаснувајќи дека „секогаш се на страната на клубовите и постојат да ги штитат нивните интереси“. И другите спортски федерации речиси во целост го поддржуваат овој став. Наспроти ова, во Агенцијата за млади и спорт имаат поразлично објаснување и велат дека со развивање на ваучерскиот систем исто така ќе се поттикнат националните спортови. Кој е во право?

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за спорт, што го поднесе Министерството за правда, по предлог од Агенцијата за млади и за спорт (АМС) што пред неколку дена го усвои Владата, предвидува „даночно поттикнување за спортските субјекти со воведување ваучерски систем“. Со него предлагачот очекува „да се утврдат надлежностите на спортските субјекти (федерации, клубови, спортисти…) и на државата, како и процедурата при издавање ваучери“. Но, колку со новите измени вистински ќе се поттикнат спортот, спортистите и спортските федерации со оглед на фактот што долгогодишните спортски работници, спортските федерации и клубовите преку едноставни математички калкулации сметаат дека новите рестриктивни законски решенија ќе внесат десетпати помалку средства за прогресија, одржливост и подинамичен развој на националните спортови. Владата во врска со предлог-законот излезе со свој став.

– Со ваучерскиот систем во спортот директно ќе се инвестираат нови шест милиони евра, преку кои ќе се обезбедат развој, стимулација и финансиска моќ на спортските клубови. Преку овој систем, на обврзникот што донирал пари на спортски субјекти, а тие се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок на добивка за износот на дадената донација, но најмногу до 50 отсто од пресметаниот данок – ни изјавија од Владата.

Од друга страна, повеќе извори од неколку федерации со кои се консултиравме истакнуваат дека новите решенија се рестриктивни, дека досегашните законски решенија биле од полиберален карактер, и дека спортот, клубовите и федерациите, на име на даночни олеснувања за фирмите, само минатата година добиле финансиски поттикнувања апроксимативно повеќе од 140 милиони евра што, како што велат истите извори, се одразило и на резултатите на македонските спортисти и клубови и на меѓународен план.

Македонските фудбалски прволигаши (клубовите), на неодамнешниот самоиницијативен неформален заеднички состанок констатирале дека новите критериуми (измени на законот) се престроги, а сумите што треба да ги добијат се премали. Со таквиот став се согласуваат во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објаснувајќи дека „секогаш се на страната на клубовите и постојат да ги штитат нивните интереси“.

Свој првичен став околу овој предлог-закон за именување на законот за спорт има претседателот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Петар Наумоски, кој смета дека со ваучерскиот систем повеќе се одело во правец на рамномерност, односно неоснована уравниловка, а не кому навистина му е потребно повеќе, односно помалку средства. Уште повеќе, тој го истакнува фактот што со КФМ воопшто не биле извршени консултации за мислење, односно далеку дека предлозите за измени поминале јавна расправа, или анализа на спортските работници.

– Ние како федерација не сме консултирани во донесувањето на овој закон, а уште помалку сме инволвирани во начинот на одредување на висината на паричните средства, односно сметаме дека законот не е доволно либерален. Се одело во правец на рамномерност, а не кому навистина му е повеќе, односно помалку потребен. Во секој случај тој ќе помогне на одредени федерации и клубови, а дали тие финансиски средства ќе бидат доволни или не, тоа е друго прашање и секако тема на соодветна расправа. Да не беше помошта од ФИБА, тешко дека и ние како федерација ќе функциониравме само со финансиските средства од државата. Се надевам дека одредените аномалии, кои ќе се појават во овој закон ќе бидат успешно надминати – смета Наумоски.

Македонската одбојкарска федерација се огради од толкување за новиот предлог-закон за спорт и не располагаше со доволно информации за да го коментира ваучерскиот систем.

– Во моментов ние немаме поголеми забелешки на ваучерскиот систем, но останува да видиме како сето тоа ќе се применува во практиката и како ќе се одрази на клубовите – ни рече претседателот на ОФМ, Перо Јовановски.

Од извори од АМС велат дека за спортот во тековнава 2019 година во Македонија се предвидени средства, (според новиот предлог-закон и ваучерски систем), во висина од 662 милиони денари вкупно, односно приближно 10,7 милиони евра. Поточно, покрај средствата од ваучерите (со кои се предвидени шест милиони евра) за спортот во Македонија за 2019 година, предвидени се и дополнителни 170 милиони денари (околу 2,7 милиони евра) од игрите на среќа и од обложувачниците, како и 123,5 милиони денари (околу два милиони евра) за националните спортски федерации.

Повеќето од федерациите како и повеќе долгогодишни спортски работници и аналитичари изразија незадоволство од ваучерскиот систем сметајќи го за порестриктивен и за полош од данокот за добивка што се укина кон крајот на 2018-та, а беше во функција во минатите две години. АМС не мисли така. Вчера во Агенцијата за млади и спорт (АМС) беа одржани состаноци со националните федерации (а ги има околу педесетина), најпрвин со оние од индивидуалните, а потоа и во колективните спортови. Целта на тие состаноци беа претставниците на федерациите подетално да се запознаат со начините како ќе функционира и како во практиката ќе се променува ваучерскиот систем. Н.М.


Ваучерски бодови за титули, репрезентативци, младинци, домашни играчи…

Ваучер-системот за спонзорирање во спортот ќе треба да функционира според поделбата на спортските субјекти во шест категории, во кои највисоката би овозможила ваучер во вредност од 500.000 евра, а најниската од 5.000 евра. Најмногу бодови ќе добијат клубовите што ќе учествуваат на меѓународни натпреварувања, во Лигата на шампионите (ЛШ) и во регионалните натпреварувања, а потоа во домашното првенство и во националниот куп.
Според предлог-планот за распределба на парите што допрва треба да се разгледува, максимални 50 бода би добил клубот што се натпреварува во ЛШ, а нови 50 бода би носела освоената титула. Регионалните натпреварувања носат дополнителни бодови ако тимот е дел од завршницата или ако ја освои титулата. Од македонските клубови, само ракометните, Вардар и Металург, учествуваат во ЛШ, а се дел и од регионалната лига.
Бодови ќе се добиваат и за бројот на репрезентативците што ги дава клубот. Помалку странски, а повеќе домашни играчи, исто така, ќе влијае на распределбата на бодовите при рангирањето (повеќе бодови за тимовите со повеќе македонски играчи).
Еден од критериумите и тоа дали клубот има екипи во младинските конкуренции. Структуралната организираност на клубовите, техничкиот и тренерскиот кадар дополнително ќе се бодува. Бодови ќе носи и податокот дали натпреварите во кои учествува клубот се пренесуваат на националната телевизија (најмногу), а помалку ќе носи т.н. стриминг.


Предлагачот на законот за спорт сугерира носење на законот во скратена постапка

Скратена процедура – голема веројатност за фелерични закони

Се сеќавате ли на констатацијата на искусниот политичар од ЕУ Ванхауте, дека со преобемното носење на законите по скратена постапка во Македонија „демократијата губи“?!

Постапка за носење на законите што оди по скратена процедура (како што во овој случај се сугерира за законот за спорт), се сведува на многу побрзо усвојување на законите во Собранието, дури и експресно, па оние што се засегнати од законот што се носи во скратена постапка, тешко можат да се свестат дека треба итно со свои предлози да „интервенираат“ во предлог-законот заради подобрување на неговиот квалитет. Токму оние за кои се однесува законот најдобро знаат на кој начин може да се имплементираат идеи во него и какви решенија ќе имаат најдобро влијание на прогресот и просперитетот, во овој случај на националниот спорт.
Скратената постапка, која значи готово брзо донесување на законот, не го гарантира тоа. Кога се брза, тешко може да се рече дека атрибутот „квалитетно“ би можел да стои до гореспоменатиот предлог-закон.
Ќе пренесеме како е објаснета скратената постапка во Деловникот за работа на Собранието, поконкретно во членот 171.
(1) Ако Собранието одлучи да расправа, предлогот на законот да се донесе по скратена постапка, претседателот на Собранието веднаш го задолжува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот на законот.
(2) Кога предлогот на законот се разгледува по скратена постапка Собранието одржува општ претрес.
(3) Второто и третото читање се одржуваат на иста седница. Во тој случај второто читање започнува со претрес по предлогот на законот во согласност со одредбите од овој деловник за второ читање. Амандмани можат да се поднесат на седницата до почетокот на третото читање на предлогот на законот.
Сосема е јасно дека тука времето за расправа е скратено. Но во Деловникот пишува и за кои закони се применува скратена процедура (членот 170).
Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога:
– не е во прашање сложен и обемен закон;
– престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон;
– не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската Унија.
Во тој контекст, се сеќавате ли на констатацијата на фамозниот Ванхауте дека со преобемното носење на законите по скратена постапка во Македонија „демократијата губи“. Овој пат, тој пораз би можел да биде за спортистите, спортските клубови, федерациите и професионалниот спорт воопшто, токму она по што во последно време е препознаена Македонија низ целиот свет.