На листата од 136 институции што ќе претрпат измени во називот, во согласност со промената на името на државата, добар дел се од културата. Засега нема промени кај институтите, називот на Институтот за македонска литература останува непроменет, а познавачи велат дека нема да има промени ниту кај институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, иако во листата од 136 институции што ја достави владата овој институт не е вклучен. Како што ја нема ни Македонската академија на науките и уметностите.
Од она што засега со сигурност се знае е дека и Македонскиот народен театар, институција што во називот ја има придавката „македонски“, останува со исто име, што не е случај со Македонската опера и балет или Македонската филхармонија, кои стануваат „национални“.
Генерално, кај театрите нема промени, а најмногу промени во називот претрпеа музеите. Во прилог на владиното соопштение, наведена е листата на институции со новиот назив. Со листата се опфатени вкупно 136 институции, но неизвесно е дали листата ќе се дополнува.
Познавачите велат дека треба да се прави разлика помеѓу идентитетските одредници (и придавката во таа смисла) и државните институции, органите на системот (и придавката во таа смисла). Како на пример, Институт за македонска литература, кој останува со старото име, и Македонска опера и балет, која стана „национална“.
– Тоа е затоа што овој институт ја проучува пред сѐ македонската литература. Придавката македонска се однесува на литературата, а не на институцијата. МОБ се однесува на институцијата, а не на операта и балетот што во таа институција се изведуваат – велат професори од Институтот за македонска литература.
Од Владата појаснија дека „името на Македонски народен театар останува истo, поради тоа што има албански и турски театар, а МНТ се толкува како театар на македонскиот народ преку кој се зачувуваат и унапредуваат македонската историја, традиција, култура и нејзините особености, односно има етничко идентитетско значење“. Слична е ситуацијата и со музејот, кој во јавноста досега беше познат како музеј на ВМРО. Сега тој е Музеј на македонската борба за самостојност, бидејќи, како што објаснуваат од Владата, тој е културна институција преку која се зачувуваат и унапредуваат македонската историја, традиција, култура и нејзините особености и е со историско значење.
Според Владата, принципот на замена на придавката „македонски, македонска“ е за оние институции што се од национален карактер, државен карактер и кај нив се менува со национален, национална. За Македонската академија на науките и уметностите, за која сѐ уште нема објавено промена на името, во тек се консултации со академиците, по што ќе се излезе со решение.
Со досегашните измени, извесно е дека Македонската филхармонија станува Национална филхармонија, Национална галерија на Македонија – Национална галерија на Република Северна Македонија, Природонаучен музеј на Македонија станува Природонаучен музеј на Северна Македонија, а Државниот архив на Република Македонија – Државен архив на Република Северна Македонија. И Кинотеката на Македонија ќе биде Кинотека на Република Северна Македонија, а Музејот на Македонија – Музеј на Република Северна Македонија.
Македонската опера и балет ќе биде преименувана во Национална опера и балет, а Музејот на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на внатрешната македонска револуционерна организација и музеј на жртвите на комунистичкиот режим станува само Музеј на македонската борба за самостојност. Исто така, Археолошки музеј на Македонија ќе биде Археолошки музеј на Република Северна Македонија. Филмскиот центар „Вардар филм Македонија“ ја губи „Македонија“ од називот…
Ова се само некои од измените на имињата на институциите што на седница ги усвои Владата и со одлука ги задолжи сите институции да извршат промена на јавните табли на своите влезови во однос на името на државата. Институциите ќе треба да извршат и проверка дали се променети сите дигитални записи (логоа, меморандуми, електронски комуникации, веб-страници, медиуми), како и меморандумите, печатените материјали, папките…
– Ќе остане името на Институтот за македонска литература. Ама, што фајде од тоа, кога сите други ќе се сменат. Горчлив е вкусот на македонската литература, кога нема телевизија, опера, филхармонија… – коментира асистент од Филолошкиот факултет.