Во групната фаза на ракометната ЛШ се постигнати рекордни над 10.000 гола, 127 гола повеќе од минатата сезона, а предничи Барселона со просек од дури 34,7 погодока по меч (вкупно 486)
По 176 меча и рекордни 10.038 постигнати голови (57 по меч) во групната фаза на ракометната Лига на шампионите (ЛШ), 10 земји преку своите клубови останаа во трка за титулата европски првак. Сезонава во групната фаза беа постигнати 127 погодоци повеќе од минатата сезона.
Португалскиот првак Спортинг ќе биде единствениот дебитант во трката за титулата сезонава, за кого ова е најголемиот успех во клупската историја. Во натпреварите од групната фаза шпанскиот првак Барселона го имаше најдобриот напад со 486 гола (34,7 по меч), а полскиот вицепрвак Висла е сопственик на најдобрата одбрана со 296 примени погодоци во 12 дуели (24,6 по натпревар).
Меѓу осминафиналистите само четири екипи стигнале до титулата европски првак, Барселона (1996-2000, 2005, 2011, 2015), Фленсбург (2014), Киелце (2016) и Вардар (2017), а последните пет титули во ЛШ ги освоија тимови од различни земји – Германија (Фленсбург), Шпанија (Барселона), Полска (Киелце), Македонија (Вардар) и Франција (лани, Монпелје).
Во натпреварите од групната фаза 12 меча завршија без победник, од кои седум во групата Б, а 12 натпревари завршија со разлика од 10 и повеќе гола. Барселона против Кристијанстад го одигра најефикасниот натпревар сезонава постигнувајќи 44 погодоци (44-25) што наедно беше и меч со највисока победа од 19 гола. Кокс против Висла го имаше најнеефикасниот дуел во кој постигна само 18 погодоци (34-18).
Финскиот состав Кокс и Адемар Леон од Шпанија го одиграа мечот со најмалку погодоци во досегашниот тек од сезоната, 38 (19-19), а Барселона и Киелце го одиграа мечот со најмногу погодоци 78 (42-36).
Францускиот гигант ПСЖ со 36 победи во низа е рекордер според бројот на последователни победи на домашен терен во ЛШ. Последниот пораз на домашен терен Французите го имаа во ноември 2014 година од Кил (25-27).
Од вкупно 176 натпревари во досегашниот тек од сезоната, 66 завршиле со победа на гостинскиот тим, од кои 22 во групата А, 17 во Б, 16 во Ц, седум во Д и три во баражите.
Меч со најмногу публика одиграа Загреб и ПСЖ, пред 9.134 гледачи.