Мора да останеме фокусирани на испорака на реформската агенда на Владата имајќи предвид дека следат најважните месеци од нашиот процес на интеграции и доаѓа месецот кога ќе се потврди одлуката за отпочнување на преговори со Европската Унија, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи пред почетокот на седницата на Работниот комитет за европски интеграции.
-Постигнавме доста во имплементација на реформите, особено во четирите области во кои Советот на ЕУ ги утврди како приоритетни за да може да донесат позитивна одлука во јуни. Го донесовме во Влада пакетот на реформи на безбедносните служби, вклучително целосна реформа на Управата за безбедност и контраразузнавање – изјави Османи.
Посочи дека, денешниот состанок е во насока на координација и институциите, со цел да не се остави простор и аргумент, на некој да ни ја одземе историската шанса годинава да ги започнеме преговорите со ЕУ.
Прашан што уште останува нереализирано од Планот 18, Османи рече дека планот сè уште е во тек и главниот фокус е ставен во текот на март месец, кога треба да бидат направени покрупните испораки во делот на агендата.
-Треба да се усвојат законите, кои што ги донесовме во делот на безбедносните служби, во делот на правосудството и администрацијата. Голем дел од патот поминавме со тоа што ги координиравме и усогласивме овие законски решенија со ЕУ и сите меѓународни тела. Ги донесовме на Влада и голем дел на прво читање во Собрание, само треба пленарна седница во која ќе ги усвоиме и очекувам поддршка од сите, вклучително и опозицијата, особено во делот на двотретинските закони – истакна Османи.
Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ) претставува највисоко административно тело на Владата во кое членуваат државните секретари на министерствата, претседавачите на Поткомитетите, Генералниот секретар на Владата, како и дел од администрацијата на Секретаријатот за европски прашања.
Ова е трет состанок од јануари годинава на Комитетот, во пресрет на 19 март, кога ќе се одржи Советот за стабилизација и асоцијација во Брисел каде ќе има неформален пресек на состојбите и динамиката на реализацијата на реформите.