Николовски беше повеќекратен македонски првак во сите конкуренции. Сениорските титули му носеа најголема радост. Тој беше и втор младинец во Југославија во 1971 година
Тенисот, кој денеска е еден од најпрестижните спортови во светот, и во нашата држава има корени од дамнешни времиња. Во минатото имавме плејада тенисери, кои ќе блеснеа и ќе се доближеа до југословенскиот врв, но никогаш не успеваа да се искачат на највисокото место. Еден од оние што отиде најдалеку е Тодор Николовски-Тошко, кој во 1971 година стигна до младинската вицешампионска титула во поранешната држава. Тошко беше многу интересен играч. Покрај талентот, тој имаше извонредни физички предиспозиции. Кога на ова ќе се додаде дека беше исклучително настојчив и не се штедеше, туку од себе во текот на мечевите ги извлекуваше и последните сили, тогаш станува јасно за каков бескомпромисен тенисер стануваше збор.
Неговата кариера почна случајно. Еден ден неговиот другар, Мики Шукарев, кој веќе играл тенис, му рекол на Тошко и тој, ако сака, да дојде на тениските терени на ТК Југ во Скопје.
– Многу не се колебав, зашто уште како дете имав желба да спортувам. Прво играв фудбал, како впрочем и сите скопски деца, потоа се борев, трчав, влегов и во кајак – едноставно го сакав спортот. А кога Шукарев ми рече да дојдам да се пробам во тенисот, многу не размислував и веќе следниот ден го држев рекетот во моите раце – вели Николовски.
ТЕНИСОТ ГО СКАРА СО НЕГОВИОТ ДРУГАР
Уште на првите тренинзи искусниот тренер Милутин Ѓуровски, кој беше еден од првите македонски тенисери, откри дека Николовски е многу талентиран и може да се развие во квалитетен играч. Затоа му посветуваше големо внимание и со него работеше речиси секојдневно.
– Чичко Уте, како што го нарекуваа Милутин Ѓуровски, од тие моменти за мене не беше само чичко, туку и мој втор татко. Тој ме учеше како да станам добар човек, а истовремено трпеливо работеше со мене и настојуваше што е можно побрзо да навлезам во тајните на тенисот, зашто талент за овој спорт очигледно имав. Така, дојде и до првиот мој настап на едно младинско првенство во Скопје во 1965 година.
Во првото и во второто коло остварив лесни победи, а во третото, што беше изненадување, го совладав мојот другар Шуикарев, кој практично ме донесе во тенисот. Токму тој момент придонесе да дојде до заладување на нашите другарски односи. Инаку, мечот со него беше многу интересен. Иако помина многу време, се сеќавам на таа средба како да беше вчера. Шукарев поведе со 6-3 и 3-0 и веќе беше на прагот на победата. Но се стемни и мечот беше прекинат. Другиот ден кога продолживме го добив вториот сет, а потоа лесно и третиот и така стигнав до мојот прв триумф на тениските терени и првото пехарче што го освоив. Велам пехарче зашто тоа беше минијатурно, но за мене и најмило – вели тој.
Така, со тој триумф почнува кариерата на Николовски, која стануваше сѐ побогата и со многу трофеи. Во тој период во Македонија имаше неколку квалитетни тенисери предводени од Сашо Панов, Васе Апостолов, потоа Славчо Ночев, Трповски, браќата Лазовски меѓу кои главно се водеше борбата за сениорската титула на републичките првенства. Меѓутоа, прашање на време беше кога и Николовски ќе нападне и ќе се вмеша во таа борба.
ПРВА СЕНИОРСКА ТИТУЛА
По првата победа, Тошко освои уште неколку младински титули. Во Македонија во својата категорија немаше ривал што ќе можеше да му застане на патот. Беше неприкосновен и со брзи чекори одеше кон врвот во сениорска конкуренција, во која и понатаму успеваа да се одржат и да се борат за титулата Панов, Апостолов и Јовица Лазовски.
Конечно, во 1971 година нивната доминација беше прекината – Тодор Николовски им ги измрси сметките и тој триумфира на сениорскиот шампионат.
– Бев пресреќен по победата, верував во себе и претчувствував дека токму сега е дојден денот за големиот триумф. Мојот тренер чичко Уте, дури беше порадосен од мене. Она што го посакувавме двајцата, го остваривме и од тие моменти сѐ одеше некако полесно. Мразот беше скршен, се уверив дека можам рамноправно, не само да се носам, туку и да победувам во сениорска конкуренција – се сеќава на тоа време Тошко.
Истата година Николовски стана и младински вицешампион на Југославија. Овој успех му ја отвори и вратата во репрезентацијата. Тој беше член на селекцијата, која настапи на Галеа-купот (европски натпревар во конкуренција на млади тенисери) на турнирот во Скопје.
– Колку бев горд што стигнав до националниот дрес не можам да опишам. Сето тоа беше како убав сон. Но тоа што станав репрезентативец не смееше да ме „заспие“, напротив бев решен ако треба да тренирам и по повеќе од пет-шест часа на ден за да ја подобрувам играта и да ја кревам формата. Често се случуваше уште од раните утрински часови, кога на терените на ТК Југ немаше никој, само јас да бидам таму и да удирам со топчето во sидот за да ги тренирам ударите. Тоа беше навистина еден напорен, но незаборавен период. Знаев дека само така ќе успеам да се одржам и да стигнам што подалеку во тениската хиерархија – вели Николовски.
СЕ РЕДЕА ТИТУЛИТЕ И НАСТАПИТЕ НА ТУРНИРИТЕ
За Тошко првенствата на Македонија станаа рутинска работа. Финалето како да му беше обезбедено, беше само прашање дали ќе го направи последниот исчекор до титулата. Тоа во следните години стана реалност, но имаше и моменти кога беше изненадуван.
– Во едно финале, кога Панов беше на крајот од кариерата, ми се чини таму некаде во 1974 година, бев поразен од него. Не само јас, туку и сите љубители на тенисот беа изненадени од тој мој пораз. Меѓутоа, кога се присетувам на таа средба мора да кажам дека темницата го спаси Сашо. Имено, по моето водство со 2-1 во сетови, а се играше во три добиени сета, се стемни и мечот беше прекинат. Другиот ден, откако се насобра многу народ, со нетрпение се очекуваше продолжението. Меѓутоа, сега мене ми се случи она што му се случи на Шукарев, кога неколку години пред тоа тој водеше до прекинот, а другиот ден во продолжението јас го победив. Овој пат Панов, откако се одмори, беше свеж, направи пресврт и ме победи. Но многу не тагував зашто загубив навистина од еден голем мајстор, кој дваесетина години беше икона на тениските терени, а меѓу многубројните победи мислам дека највредна му беше онаа против легендарниот Франуловиќ – продолжува Николовски.
Ова беше мал прекин во низата освојувања шампионски титули во Македонија, за потоа да продолжи со ист интензитет. Во тој период, гледајќи дека веќе нема услови за напредување во нашата средина, тој се решава да замине во Загреб и да заигра за Медвешчак.
– Таму можев да напредувам и што е битно да патувам на многу турнири во и надвор од земјата. За Медвешчак, кој беше и првак на Југославија, настапував на екипните шампионати, па така и тука имам титули. Паралелно со играњето за загрепчаните доаѓав и на поединечните шампионати на Македонија, а учествував и на многу турнири. Најубаво се чувствував кога играв на турнирот Јагец во Марибор. Таму стигнував редовно на пиедесталот, најчесто на второто или на третото место. Во една финална средба со Штолцер имав и меч-топка, но победата ми беше украдена бидејќи беше досудена „добра“ топка за него, иако таа беше дваесетина сантиметри надвор од линијата. Дали тоа беше превид на линискиот судија или нешто друго не знам, но уште жалам за тој меч, кој неспортски го загубив – вели Николовски.
Николовски настапуваше и на турнирите во Загреб, Сплит, Бачка Топола, Нови Сад, со еден збор насекаде низ поранешната држава.
– Се сеќавам и на еден маратонски финален дуел на турнирот во Нови Сад во кој противник ми беше тогаш првиот рекет на Бугарија, Велев. Тој беше поискусен и рутински ги доби првите два сета. Кога се чинеше дека е на прагот на победата, се разиграв, израмнив на 2-2 и во решавачкиот петти сет го фатив на свежина и по речиси пет часа игра остварив победа – се сеќава Николовски.
Потоа, неговиот пат, кога наполни 27 години, го одведе во Волфсбург (Германија). Таму настапуваше во регионалната лига, за потоа да оди во други градови, каде што паралелно со играњето почнува да се занимава и со тренерската работа. Така, еден период беше во кампот каде што ја почна кариерата славната Штефи Граф, потоа беше и во Базел, кога Федерер имаше шест години и уште оттогаш најавуваше дека е голем талент. Тука му беше тренер на талентираниот Роман Валец, кој победи во младинска конкуренција на турнирот во Вимблдон.
Николовски, за да покаже дека е вистински глобтротер оди и во Ротердам, каде што формира Академија за млади играчи, за истата работа да ја продолжи и на Канарските Острови. Одвреме-навреме скокнуваше и во Скопје, тука донесе и три квалитетни тенисерки сакајќи да го крене нивото на овој спорт во Македонија. Но, како што вели тој, самиот бил како Дон Кихот и никогаш не наидувал на разбирање меѓу своите. Од тие причини повторно бил принудуван да исплови некаде надвор од својата средина.
Николовски и понатаму го живее глобтротерскиот живот, патува и го има насекаде. Можеби еден ден ќе го напушти тенисот, во кој сега е лиценциран менаџер и комплетно ќе им се посвети на својата струка, економијата, бидејќи уште во младите години навреме дипломира на Економскиот факултет.