Функционалната улога на осветлувањето е исклучително важна. Правилно осветлениот простор во кој се работи или престојува, помага во извршувањето на сите активности.
Тоа особено доаѓа до израз во работните простории, кујната, детската соба, бањата, библиотеката и сл. Работната маса треба да биде осветлена странично, зависно од тоа со која рака пишувате, додека, пак, работните површини во кујната треба да се осветлат од предната страна за да не дојде до појава на сенки.
Осветлувањето во бањата исто така мора да биде квалитетно, бидејќи таму се вршат активности, кои бараат исклучителна прецизност, како што се нанесувањето шминка или бричењето. Покрај централното осветлување, пожелно е да се постави и осветлување покрај огледалото, додека, пак, може да се постави и дополнително декоративно осветлување за создавање романтична атмосфера за време на капењето или туширањето.
Декоративна улога на осветлувањето се постигнува во зависност од начинот, видот, обликот, бојата и јачината на распространувањето на светлината. Светлосните ефекти во целост можат да го променат изгледот на просторот така што со нив често се трансформираат повеќенаменските простории. Тие во текот на денот можат да имаат една намена, а навечер друга, сето тоа благодарение на различниот тип осветлување.
Слични ефекти можат да се постигнат и во станбените простории во кои на пример дневната соба може да се користи како работна просторија и истовремено како простор за опуштање и одмор.
Во секоја просторија независно од потребите за поставување функционално осветлување, кое осигурува правилно светло во просторот, пожелно е поставување и декоративно светло.
Играта со светлината го збогатува просторот и овозможува една просторија исполнета со ист мебел да добие сосема нов изглед. Благодарение на светлосните ефекти наједноставно се менува впечатокот за просторот, па затоа сите што сакаат да направат промена во ентериерот најлесно ќе ја постигнат со промена на осветлувањето.
Освен со начинот на кој ја распростираат светлината, осветлувачките тела можат да го декорираат вашиот простор и со сопствениот облик и дизајн.
Скулптурален лустер или класична столна ламба внесуваат уметнички карактер во просторијата. Така обликуваните осветлувачки тела не треба да се во согласност со другите елементи од ентериерот ни по боја ни според материјалот. Скулптурално дизајнираните светла добиваат карактеристика на независен уметнички елемент, кој пренесува одредена порака.
Изборот на осветлувањето е индивидуално. Иако и понатаму во мода се тела за осветлување со огромни димензии, со истите тие можете да комбинирате помали или точкасти светла. При осветлување на големи простории во кои светлото има важна улога, но и приватни станбени објекти во кои сакате да постигнете квалитетен светлосен ефект, ви препорачуваме да ангажирате светлосен дизајнер. Тој преку пресметки и стручно знаење ќе ви понуди квалитетни решенија во согласност со просторните можности. Начинот на осветлување и ефектот што сакате да ги постигнете зависат од многу фактори, па често се случува да направите голема инвестиција во осветлувањето и да не го добиете посакуваниот ефект и тоа само затоа што во проектирањето на осветлувањето не било вклучено стручно лице.
Најголема грешка што се прави при планирањето на осветлувањето е тоа што телата за осветлување последни се поставуваат во просторот. Тоа е целосно погрешен пристап. Осветлувањето мора да се планира од почетокот и тоа со самиот проект на просторот. Затоа, доколку сакате максимално да уживате во вашиот простор за живеење и за работење обрнете посебно внимание на осветлувањето.