Последен во низата играчи што кариерата ја продолжуваат во Јувентус по истек на договор со стариот клуб е Велшанецот Рамзи од Арсенал, а во минатото Чан, Кедира, Погба, Пирло, Канаваро, Алвеш, Љоренте, Коман…, кои придонесоа за доминацијата на Јувентус, а од голем дел клубот потоа заработуваше одлично со продажба на друг клуб
Фудбалерот на Арсенал, Велшанецот Арон Рамзи потпишал преддоговор со Јувентус чиј член ќе биде од јули годинава, ќе заработува над 400.000 фунти неделно (околу 450.000 евра) и ќе биде најплатениот британски фудбалер, објави Би-би-си.
Рамзи (28), кој не најде заеднички јазик со Арсенал, каде што помина 11 сезони, потпишал четиригодишен договор со „старата дама“, која ја потврди зделката што ќе ја чини 3,7 милиони евра (3,2 милиони фунти), но не прецизираше на што се однесуваат тие трошоци. Други извори, пак, велат дека Рамзи годишно ќе заработува седум милиони евра (шест милиони фунти), плус бонуси и премии, што е доста помала сума од онаа што ја објави Би-би-си.
Рамзи досега одигра 259 натпревари и постигна 61 гол за „топџиите“ и ќе биде третиот Велшанец што ќе настапува во црно-белиот дрес, по Џон Чарлс од 1957 до 1962 и Иан Раш, од 1986 до 1988 година.
Со ангажирањето на Рамзи, Јувентус повторно ја покажа својата деловна умешност, кога станува збор за фудбалери на кои им истекува важечкиот договор со матичниот клуб, врз основа на т.н. правило Босман. Во минатите десетина и повеќе години, Јувентус направи неколку такви зделки, кои се покажаа одлични, како на фудбалски, така и на финансиски план.
Најсвежи се примерите со двајцата германски интернационалци, Емре Чан од Ливерпул и Сами Кедира од Реал, кои дојдоа како „слободни агенти“, без обесштетување, во 2018, односно во 2015 година. Најеклатантен пример за доброто деловно работење на Јувентус секако е договорот со францускиот интернационалец, Пол Погба. Во 2012-та, Манчестер јунајтед очигледно немаше (пре)многу доверба во Погба и му дозволи да си замине без пари. По четири години и одличните игри на Погба во Јуве со кого освои четири титули првак на Италија, Манчестер јунајтед ја увиде грешката, го врати Погба, но мораше да плати 105 милиони евра. Тогашниот менаџер Алекс Фергусон вината за заминувањето на Погба ја бараше во неговиот застапник, Мино Раиола, но факт е дека и тој направил голем кикс.
Андреа Пирло, една од легендите на италијанскиот фудбал, пристигна во Јувентус како слободен играч во 2011-та откако Милан проценил дека тој на 31 година е престар за да продолжи да игра на највисоко ниво. Но дека згрешиле и оти Јувентус направил „зделка на столетието“ како што тогаш изјавил Џанлуиџи Буфон, се четирите титули првак на Италија едноподруго со Јувентус, откако во претходната сезона бил седми.
Јувентус има направено одличен слободен трансфер и со Фабио Канаваро во 2004-та. По двете неуспешни сезони, Интер барал начин да се ослободи од Канаваро и го заменил за резервниот голман на Јуве, Фабијан Карини. Новата средина во голема мера му одговарала на Канаваро, кој блескаше во новиот клуб, а во 2006-та на Светското првенство во Германија како капитен на Италија стана шампион.
Во овој контекст, за одбележување се и трансферите на Бразилецот, бекот Дени Алвеш од Барселона во летото 2016-та и на Шпанецот, центарфорот на Фернандо Љоренте, од Атлетик Билбао во 2013-та.
Еден друг трансфер исто така отсликува како работи Јувентус. Во 2014-та тие го ангажираа младиот француски интернационалец Кингсли Коман, од ПСЖ. Но младиот крилен напаѓач не се покажа во најдобра светлина и во веќе во следната сезона беше пуштен на заем во Баерн, за седум милиони евра. Следуваше перманентен договор со баварскиот клуб за дополнителни 21 милион евра што сигурно е повеќе од добра зделка за „старата дама“.