Членовите на работната група на Проектот за управување со цврст отпад во полошкиот регион ги презентираа првичните наоди од двонеделната анализа и препорачаа краткорочни мерки што треба да се спроведуваат во депонијата Русино.
До изработка на финалниот план, експертите препорачуваат поставување на вага за мерење на отпадот кој влегува во депонијата Русино, оградување и мерки за прибирање и третман на исцедокот од отпадот.
Во наредниов период ќе се вршат дополнителни анализи што треба да дадат појасна слика за составот на комуналниот смет, што е важно при изработката на Регионалниот план за управување со отпад.
Целта на проектот е да се направи план за управување со отпадот со показатели што ќе посочат што понатаму да се прави со отпадот од овој регион, а по изработката на планот ќе се направи физибилити студија што ќе ја даде економската оправданост на мерките што се предвидени во планот.
– Ова е важно и за изработката на тендерска документација за набавка на опремата што ќе се користи при интегрираното управуавње со отпадот од полошкиот регион, изјави Филип Иванов, заменик тим лидер на проектот.
Методите, начиниот на анализа и селекцијата на отпадот од три општини, беа презентирани пред членовите на работната група на полошкиот плански регион и директорите на јавните комунални претпријатија.
Александра Зелц, експерт за цврст отпад ја истакна важноста на анализата на отпадот, бидејќи, како што рече, ќе го покаже составот на отпад во полошкиот регион и начинот за третирање.
– Ова е дел од основните информации што ќе ни бидат потребни да развиеме технички опции за управување со отпад и одлагање на отпад и да ја следиме законската рамка во Македонија, за третирање на отпад што може да се рециклира, органскиот отпад, пред нивно одлагање. Овие податоци се важни бидејќи постојат и други начини и технички опции, што може да не се соодветни и одржливи во овој регион, рече Зелц.
Проектот за управување со цврст отпад во полошкиот регион се реализира со поддршка на Швајцарскиот секретаријат за економски работи, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.