Временските промени што предизвикуваат нагло топење на снежните прекривки, енормно го покачуваат нивото на подземните води и го намалуваат апсорпцискиот капацитет за впивање на почвата, создаваат реална опасност од поплави, висок водостој, порои и опасност од излевање на некои реки. Ова е во суштина притискање на копчето за аларм и кај нас во Македонија, дотолку повеќе што во текот на изминатиов викенд во Босна и Херцеговина, Словенија и во Хрватска поради обилни врнежи имаше излевање на реките и поплави во одредени региони. Каде се критичните точки што се повторуваат низ годините и до каде се зафатите за претпазливост и превенирање?
Невообичено високите температурите што ја зафатија нашата земја, но и дождот што во наредниов период е најавен од сателитските хидрометеоролошки помагала, со сигурност ќе предизвикаат топење на снегот. Како и секојпат, ваквите временски промени што предизвикуваат нагло топење на снежните прекривки, создаваат опасност од порои, висок водостој и потенцијална опасност од излевање на некои реки. Ова е во суштина притискање на копчето за аларм и кај нас во Македонија, дотолку повеќе што во текот на изминатиов викенд во Босна и Херцеговина, Словенија и во Хрватска поради обилни врнежи имаше излевање на реките и поплави во одредени региони. Најсериозна е состојбата во Босна и Херцеговина, каде што водата однесе мостови и делови од патиштата, а во одредени делови од земјата е прогласена и вонредна состојба.
Опасноста од излевања и поплави во Македонија е голема, особено ако се има предвид дека неколку точки во земјава важат за критични, каде што честопати има инциденти, материјална штета па и човечки жртви.
– Овој период од годината честопати се јавува опасноста од поплави, односно честопати имаме излевање на реките. Јануари и февруари се критични месеци бидејќи температурите знаат нагло да се покачат, а поради тоа да дојде до забрзано топење на снегот и излевање на реките. Оваа година веќе имаме високо ниво на подземните води, што е причина плус за излевање на реките. Веќе и земјата е презаситена со влага, па ако дојде до нагло топење на снегот тогаш речните корита нема да можат да ги примат надојдените количества вода и сигурно ќе имаме излевање – вели Јосиф Милевски, поранешен раководител на Секторот за хидрологија при УХМР.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, за состојбата на реките и езерата во Македонија, може да се забележи дека реката Вардар на сите четири мерни станици е над просекот за овој период од годината. Но упатените посочуваат дека опасноста од излевање е карактеристична и за реките Треска, Црна, Пчиња…
– Според процените направени врз основа на изминативе години, при повисоки температури и топење на снегот најголема опасност од излевање има на реките Вардар, Треска, Црна Река, Струмица, Брегалница и Пчиња. Притоа на реката Вардар најчесто излевање на водата има во горното течение кај селото Јегуновце, поради конфигурацијата на теренот и пониските земјени површини во однос на коритото на реката Вардар. Ова се случува при интензивни врнежи од дожд или топење на снегот од Шар Планина и притисокот на водите од реките Лакавица, Маздрача, Новоселска, Бистрица и Пена, а во интеракција со подземните води доаѓа до заезерување на голем дел од појасот на левиот брег на реката Вардар. Во средниот дел по течението на Вардар има заезерувања на одредени подрачја, како резултат на притисокот на подземните води од Скопска Црна Гора од северната страна и во подножјето на Караџица од јужната страна – појаснува Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи.
Вчкова истакнува дека опасноста од излевања е карактеристична и за реката Треска, најчесто на потегот од Кичево до Македонски Брод, каде што редовно поради топографските услови се поплавуваат површините во атарите на селата Србјани, Челопеци и Пласница.
На Црна Река како најпроблематични се водат Бучин во горниот тек на реката, по течението на левата притока Блато, Могила и Новаци, како и просторот во околината на селата Средно и Долно Егри, кои се подложни покрај притисокот на Црна и на високи подземни води со слободно ниво, а на места од артерски или субартерски води.
Струмичко Поле е подложно на поплави при зголемување на водостојот на водотеците од горното течение на реките Струмица, Радовишка, Оравичка, Смиљанска и Плаваја, како и водотеците од Беласица. Реката Брегалница најчесто се излева во горното течение низводно од Берово. Друга кризна зона е низводно од Калиманци каде што се влеваат реките Кочанска, Оризарска и Осојница, носејќи големи водни количества како и нанос, до вливот на реката Злетовица, каде што има најчести излевања.
Чести поплави се случуваат како последица на излевањето на Кумановска Река спротиводно и низводно од Куманово, потоа Крива Река низводно од В’кв и по составот на овие две реки со реката Пчиња до Катлановска Бања.
– Со оглед на најавите за дождови се очекува зголемување на водостоите, иако речните корита сѐ уште имаат капацитет за прием на вода, не се исклучува и опасноста од излевање. Ние како координативно тело имаме обврска ако општините побараат да им обезбедиме помош и да ги координираме активностите со државните тела. Сепак, општините треба прво да реагираат, односно да преземат мерки за заштита, врз основа на нивните процени за ризик. Ако оценат дека не можат, тука сме да се координираме со другите институции. Апелираме граѓаните при итни ситуации да го користат бесплатниот телефонски број 195 за алармирање – додава портпаролката на ЦУК.
Евакуирани жители во БиХ
Како што пишуваат медиумите во Босна и Херцеговина, во близината на местото Бугојно голем број куќи се под вода, поради што и населението било евакуирано. Наглото топење на снегот и дождот што паѓа од синоќа во БиХ предизвикаа проблеми во неколку зенички населби. Блокиран е сообраќајот, а се излеа и реката Врбас, додека нивото на реката Босна е високо.
Дождовите предизвикаа проблеми и во Словенија. Неколку сообраќајници се затворени поради излевањето на реката Випава и неколку потоци.