Последната исплата на најдобар начин ја илустрира целата иронија на стечајот, кој цели 22 години се води за штедилницата ТАТ. Имено, со последното обесштетување, со кое се опфатени над 5.900 штедачи, се издвоени вкупно 5.200.000 денари. Сите тие добија по 0,30 отсто од главницата, која ја побаруваат во изминативе 22 години
По речиси три години „пауза“, штедачите на ТАТ деновиве добија ново обесштетување. Имено, стечајниот управител на ТАТ, Коле Волчевски, одлучи на татовци да им подели по 0,30 проценти од главницата. За таа цел од сметката на ТАТ се издвоени околу 5.200.000 денари, или нешто повеќе од 85 илјади евра. Колку што последното обесштетување на штедачите на ТАТ израдува дел од татовците, толку некои од нив останаа уште повеќе разочарани па дури и револтирани.
– Како да не бидам разочаран. Цели 22 години изминаа од пропаѓањето на штедилницата ТАТ. Во 1997 година кога пукна аферата, во ТАТ ги изгубив сите мои пари, целокупната заштеда, која само јас знам како ја имав спечалено. Постојано се надевав дека еден ден ќе се реши овој случај, но, за жал, не се случи ништо од тоа. И кога веќе ја изгубив надежта дека некогаш ќе ги добијам моите украдени пари, деновиве добив известување од стечајниот управител на ТАТ, дека на мојата трансакциска сметка се префрлени 30 денари, на име обесштетување – ни вели Ј.Г., еден од штедачите на ТАТ.
И токму последната исплата на татовци на најдобар начин ја илустрира целата иронија на стечајот, кој цели 22 години се води за штедилницата. Имено, со последното обесштетување, со кое се опфатени над 5.900 штедачи, се издвоени вкупно 5.200.000 денари. Сите тие добија по 0,30 отсто од главницата, која ја побаруваат во изминативе 22 години.
И додека Ј.Г. од последното обесштетување доби само 30 денари, според нашите соговорници, кои сѐ уште го водат стечајот во ТАТ, има штедачи што добија многу помалку, по само еден денар од своите побарувања.
– Од штедачите што деновиве добија обесштетување, највисокиот износ што го добија некои од нив изнесуваше 50.000 денари. Но најголемиот број штедачи добија минимални, или дури би рекле смешни суми на обесштетувања. А имаше штедачи што добија и само по еден денар. Налогот што беше изготвен за извршената трансакција е поскап од обесштетувањето. Но тоа е тоа. Висината на обесштетувањето зависеше пред сѐ од висината на влогот и на побарувањето – ни објаснија во штедилницата ТАТ.
Инаку, последната исплата на штедачите, според добрите познавачи на состојбите, беше во 2016 година, кога добија по 0,50 проценти. Последното обесштетување, кое се случи деновиве, е 11-то по ред, откако пред точно 22 години банкротира во тоа време најдобрата штедилница во државата.
– Во зависност од приливот на парите, се врши исплатата на штедачите. Тоа не зависи од нашата добра волја, туку од приливот на средства, кои се собираат од продажбата на имотот на ТАТ. Додека во претходниот период во стечајната маса се слеваа повеќе пари од продажбата на хипотеките на ТАТ, во последно време нивната продажба оди сѐ потешко, затоа што тие што ѝ должат на штедилницата на секој начин се обидуваат да ги одолжуваат извршните постапки, а моментно во стечајната маса останаа само неатрактивни хипотеки, кои тешко се продаваат. Во моментот кога одлучивме да ги обесштетиме штедачите, на сметката имаше нешто повеќе од 5 милиони денари. Во договор со доверителите, донесовме одлука да извршиме обесштетување од 0,30 отсто. Тоа е навистина мал процент, но средствата се тие. Одлучиме подобро да им ги поделиме парите на штедачите, отколку тие да седат на сметката – вели стечајниот управител Коле Волчевски.
Инаку, и покрај тоа што од банкротирањето на ТАТ изминаа цели 22 години, период во кој голем дел од штедачите починаа, сепак бројот на необесштетени штедачи на ТАТ и натаму е мошне голем. За тоа најдобро зборува податокот што деновиве дури 5.900 штедачи беа предмет на обесштетување. Тоа се должи пред сѐ на тоа што по смртта на дел до штедачите, нивните побарувања ги наследија нивните најблиски. Но според зборовите на првиот човек на Здружението на необесштетени штедачи на ТАТ, Пеце Гугучевски, вкупниот број на штедачи, кои побаруваат од ТАТ, е над 6.000. Но многумина од нив, кои изгубија секаква надеж дека ќе бидат обесштетени веќе ниту се интересираат за нивните побарувања, особено откако пропадна нивниот последен обид во судот во Стразбур да се изборат за своите пари.
Имено, по тужбата на Здружението на необесштетени штедачи на ТАТ против државата, со која татовци побаруваа над 17 милиони евра, тие го изгубија спорот во судот во Стразбур.
И додека штедачите на ТАТ полека ја губат надежта за нивно обесштетување, сопственичката на ТАТ, Соња Николовска, во Идризово ја издржува затворската казна од осум години, која ја доби по најновата измама на неколкумина битолчани на кои им зела пари на заем за наводно да ја рестартира свиларницата „Илинден“.