Спогодбата, можеби, претставува геополитички триумф за ЕУ, но е загрижувачка за демократијата и за владеењето на правото, вредности што ЕУ тврди дека ги промовира, иако често замижува пред сомнителните методи на националните елити доколку тие носат проевропски резултати. Таквиот став за решавање на европските проблеми е самоуништувачки и кусоглед, смета Ангелос Хрисогелос, грчки истражувач од „Харвард“
Владите на Грција и на Македонија лани во Преспа потпишаа договор со кој Македонија треба да го промени уставното име и да стане Република Северна Македонија, а Грција треба да престане да ги блокира нејзините евроатлантски аспирации. По половина година обиди да се ратификува во парламентите на двете земји, договорот за решавање на едно од најсложените билатерални прашања на Балканот е близу реализација. Македонија ги спроведе сите неопходни уставни промени, па договорот од Преспа сега е блиску до ратификација и во Грција, откако премиерот Алексис Ципрас преживеа гласање недоверба на 16 јануари. Договорот неделава се очекува да биде ратификуван во грчкиот парламент, што би требало да го отвори патот на Македонија за членство во НАТО и за приближување кон ЕУ, пишува во американски „Тајм“ Ангелос Хрисогелос, грчки истражувач од „Харвард“.
Атина поради спорот досега ги блокираше евроатлантските аспирации на Македонија, што ги загрижи европските лидери, кои сакаат да ги засилат сојузите поради Русија. Спорот главно се однесува на правното прашање за официјалното име на една држава, но тој допира многу емотивни прашања за историјата и идентитетот во двете земји. За македонските граѓани, името „Македонија“ е обележје на нивниот посебен национален идентитет на Балканот. За Грците, пак, Македонија е испреплетена со различни периоди и личности од историјата уште од времето на антиката. До постигнувањето на договорот од Преспа, двете земји не можеа да најдат заедничко разбирање и користење на зборот „Македонија“. ЕУ го поддржа договорот во сите фази – од преговорите преку потпишувањето до ратификувањето. Договорот од Преспа за ЕУ претставува сѐ што е добро за мултилатерализмот и за меѓународниот поредок заснован на правила, во време кога овие вредности се под закана од национализмот и популизмот во Европа и од претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, смета грчкиот аналитичар. Со договорот се отстранува значајна препрека во интегрирањето на Западен Балкан и затоа претставува геополитичка победа за ЕУ, но и оправдување на визијата за тоа како би требало да функционира меѓународната политика. Сепак, како што нагласува Хрисогелос, оваа приказна содржи три клучни проблеми.
1. Жртвувано е владеењето на правото: ЕУ реши да ги игнорира проблематичните аспекти на процесот за ратификација што ги оспорија уставните норми и принципите на владеењето на правото и во Македонија и во Грција. Бидејќи и грчкиот и македонскиот премиер, Алексис Ципрас и Зоран Заев, имаат тенко парламентарно мнозинство, туркањето на договорот во двете земји бараше политичко ценкање, кое ги помести законските граници.
Во Македонија, Заев, кој немаше двотретинско мнозинство во парламентот за промена на Уставот на Македонија, со закани за судско гонење за корупција и со сомнителен закон за делумна амнестија ги убедуваше пратениците на опозицијата да гласаат за неговите уставни амандмани. Опозициските пратеници во Македонија наводно биле под силен притисок од страна на поддржувачите и противниците на Преспа, меѓу кои и странски влади, да гласаат според барањата. Секоја страна ја обвинуваше другата за закани за физичко насилство или за ветувања за поткуп, посочува Хрисогелос.
Во Атина ситуацијата е уште посложена. Владата на Ципрас го преживеа гласањето недоверба за да го ратификува договорот од Преспа, но нејзиното мало мнозинство се потпира на противници на договорот, кои се придобиени со ветувања за јавни функции. Ципрас очекува неделава да го ратификува договорот откако ќе ги привлече пратениците на помалите опозициски партии, наводно со награда да бидат додадени на изборните листи на неговата партија на претстојните избори.
Ципрас веќе е обвинет од опозицијата за мешање во судството, медиумите и во армијата. Тој сега составува адхок-мнозинство за различни гласања во парламентот со што ги оспорува нормите на парламентарната и уставната процедура и уште повеќе ја зголемува недовербата на грчките граѓани во политичките системи, смета грчкиот аналитичар.
Според него, ЕУ би требало сериозно да ја сфати загриженоста за владеењето на правото и за доследниот политички процес, особено во време кога многу нејзини членки се борат со авторитаризмот и неолиберализмот. Истовремено, сите балкански држави, за кои ЕУ изразува надеж оти еден ден ќе им посака добредојде во Унијата, продолжуваат да страдаат од постојани проблеми со корупцијата и со политиката на моќ. Во свет дефиниран од борбата меѓу либералната демократија и популизмот, процесот е важен колку и самата содржина. Процесот со кој се ратификува договорот од Преспа е далеку од задоволителен.
2. Договорот нема поддршка од мнозинството: двете влади вршат притисок да помине договорот наспроти желбите на мнозинството во нивните земји. Во Македонија, Владата не успеа да добие поддршка на референдумот за договорот во септември, а ЕУ реши целосно да го игнорира изјаснувањето. Во Грција, сите анкети покажуваат силно мнозинство против договорот. Истовремено, се одржаа и масовни протести. Последните, минатиот викенд, ги растури полицијата, а сликите потсетија на најмрачните денови од финансиската криза. На само неколку месеци пред европските избори, на кои популистите се очекува да добијат голема поддршка, ЕУ повторно се претставува како бирократска машина што ги игнорира реакциите на народот и суверенитетот на послабите држави, оценува Хрисогелос.
3. Ескалација на тензиите: конечно, со договорот од Преспа се загрозува и геополитичката цел за стабилизација на регионот и тоа токму поради нестабилната политичка сцена во Грција и во Македонија, смета аналитичарот. Во Македонија, промената на името е поддржана од малцинска коалиција на македонското мнозинство и на албанското малцинство, додека мнозинството Македонци се против. Со други зборови, договорот го спроведува коалиција на малцинствата и покрај противењето на мнозинството од мнозинската заедница. Таквиот аранжман сигурно ќе ги потпали етничките тензии и ќе ја зголеми политичката поларизација во Македонија, спротивно од намерите на ЕУ, смета грчкиот аналитичар.
Во Грција, пак, договорот од Преспа ја урива јавната перцепција за ЕУ, со што се прекинува периодот на бавна и болна рехабилитација по кризата во еврозоната. Во земјата, која сѐ уште е уништена од економската криза и е постојано ранлива на популистички струи, разгорувањето на национализмот со договор спонзориран од ЕУ е спротивно на интересот на ЕУ за јакнење на стабилноста во земјите на еврозоната.
Поддршката на ЕУ, можеби, потекнува од идеалите за европска интеграција, но таа е уште еден пример за бирократско владеење на Унијата, со кое често се игнорираат политичката реалност и националните чувства, смета грчкиот аналитичар. Најмногу од сѐ, тоа е одраз на ставот дека приемот и членството во ЕУ се лек за сите сложени етнички, економски и социјални проблеми. Истовремено, ЕУ ги толерира политичките ценкања со сомнителните национални елити и замижува пред нивните методи, додека тие носат проевропски резултати на терен. Во време на сериозни проблеми со владеењето на правото во некои земји на ЕУ и граѓански превирања во други, ваквиот пристап кон решавањето на проблемите во Европа е кусоглед и самоуништувачки, заклучува Хрисогелос.