Претседателот на Демократската унија на Албанците Али Ахмети напиша писмо до медијаторот во спорот помеѓу Македонија и Грција Метју Нимиц, кое го пренесуваме во целост.
Поздрав драг Мет,
Во 2012 година, еден мој голем американски пријател ми сугерира да отпатувам во Соединетите Американски Држави, веднаш по пропаѓањето на тогашните напори за решавање на спорот со името со Грција.
Му ветив дека откако ќе ја завршиме изборната битка за локалните избори следната година, ќе направам напори да отпатувам преку океанот.
На почетокот на мај 2013 година, стигнав во Вашингтон каде имав серија на официјални средби, но и средби со истакнати американски дејци по однос на прашањата за Југоисточна Европа.
Моите соговорници во Стејт Департментот, во Конгресот, во Пентагон и во Белата Куќа ми рекоа дека мојот американски пријател им го порачал следново: Послушајте го Али затоа што тој е многу загрижен штом решил да дојде до тука. И навистина, ме слушаа со внимание.
Потоа отпатував за Њујорк, на средби со британската, американската и француската мисија при ООН, за да ја завршам мојата посета на САД со средбата што ја имав со тебе, драг Мет.
Охрабрувајќи те да ги продолжиш напорите кон решение, тој ден ти реков дека ќе влезеш во историјата, дека ќе се паметиш како човекот кој што изгаси едно големо кризно жариште, овозможи мир, сигурност, стабилност и иднина за мојата земја.
Еве каде сме денес, победници. Можеби истрошени, но победници. Посветени низ годините и невремето, но драг мој пријателе, се заврши и оваа работа.
Ние сме се среќавале често и двајцата никогаш не го изгубивме нашиот фокус за да го тргнеме овој тежок камен од нашите плеќи, ова силно стегнато јаже околу нашите вратови што не држеше во заложништво скоро три децении.
Како што кажа и ти самиот, кога се постигнува компромис, ниту еден не излага танцувајќи, но јас се чуствувам комотен со постигнатите резултати и уверен сум дека овој историски договор ќе ги постави темелите на взаемната доверба и добра волја и ќе им служи добро и на Скопје и на Атина на патот кон заедничката иднина.
Заедно го постигнавме овој видлив успех кон нашата цел за да ја интергрираме земјата во НАТО и во Европската Унија. Но, пред нас останува предизвикувачки пат на кој што ние остануваме целосно посветени преку заедничко делување одлучно да ја браниме слободата и заедничките вредности за човечките слободи и права, демократијата, солидарноста и владеењето на правото.
Ова е навистина вековно постигнување и огромен напредок, но имаме се уште работа пред нас за да го наречеме целосен успех. Тоа ќе го кажеме кога ќе се построиме рамо до рамо со нашите сојузници при големото евроамериканско семејство на НАТО. Јас знам дека ти ќе бидеш со нас и во тој момент, и во тоа достигнување. Сакам да ти се заблагодарам многу за твоето инсистирање и за целосната поддршка низ сите овие години кон конечното завршување на овој спор помеѓу два соседи. Твојата посветеност комбинирана со истрајноста и разбирањето на околнистите во нашите две земји придонесе кон овој позитивен резултат. Изразувам благодарност и до Генералните Секретари на ООН за нивната посветеност и придонес низ годините.
Пишав долго пријателе мој затоа што јас, во ова патешествие, го следев мојот преродбенички завет за припадност кон западот, додека ти ги следеше човечките вредности прегрнати од страна на светските демократии и сметам дека двата наши поттици беа целосно компатибилни и совпадливи.
Дојде денот драг Мет да ти речам, бидна!
Ти посакувам многу здравје и семејна среќа