Фото: ЕПА

Со еден таков политичко-хазардерски потег на распуштање на францускиот парламент (притоа тој не даде оставка), францускиот претседател Макрон го шокираше остатокот од Европа, пред сѐ оние што веќе се „губитници“ на европските избори, при што тој сака уште еднаш своите (засега губитнички) политики да ги стави на уште еден тест – на „сѐ или ништо“!

Фијаско на политиките на францускиот претседател и на германскиот канцелар, ќе се извлече ли поука?

Изборите за Европскиот парламент ја зедоа првата жртва – францускиот парламент. Соочени со пораз во кој антиимигрантската и антиевропска партија Национално обединување (Rassemblement national), предводена од Марин Ле Пен и Џордан Бардел, освои 31,4 отсто од гласовите (30 пратеници), а неговата либерална коалицијата само 14,6 отсто (13 пратеници), претседателот Емануел Макрон, како што е веќе познато, го распушти францускиот парламентот.
Со еден таков политичко-хазардерски потег, тој го шокираше остатокот од Европа, пред сѐ оние што веќе се „губитници“ на европските избори, при што Макрон сака уште еднаш своите (засега губитнички) политики да ги стави на уште еден тест – на „сѐ или ништо“!

Макрон изигра хазардерски, токму онака како што ги водеше своите досегашни политики

Соочен со можноста дека водството на десницата само ќе се зголеми уште повеќе, Макрон се реши на многу ризичен потег, го распушти Собранието и ги закажа парламентарните избори за 30 јуни (вториот круг ќе биде на 7 јули).
Планот на Макрон е хазардерски – да се обиде да го промени трендот на подем на десните партии со вонредни избори. Во спортски жаргон, Макрон во улога на „тренер“ повика на „тајм аут“ за да ја прекине „серијата голови на противничката екипа“ и да добие малку време за да ја консолидира својата. Но дали тоа секогаш успева? Макрон го распушти парламентот, но не поднесе оставка. Многу француски аналитичари го наведуваат него како главен виновник за поразот. Во Франција одзивот беше 51,5 отсто, при што аналитичарите велат дека изборите беа еден вид референдум против владеењето на Макрон. Аналитичарите ценат дека „Макрон смета дека ако неговата партија Ренесанса постигне лош резултат, сепак ќе успее да собере доволно поддршка за да формира ново мнозинство. Па дури и ако тоа би била голема коалиција, формирана од либералите, десницата и левиот центар – како што тоа го правеше Ангела Меркел“. Имено, според нив, „тоа би била навистина голема коалиција од сите и сите, но веројатно некако ќе стигне до крајот на неговиот мандат (претседателските избори треба да се одржат на 11 и 25 април 2027 година). Ова е втор, а со тоа и последен претседателски мандат на Макрон“.

Социјалистичко-зелено- либералната коалиција на германскиот канцелар Шолц помина уште полошо од Макрон, но тој не распиша вонредни избори. Зошто?

Прашањето е зошто претседателот Макрон распиша вонредни избори поради поразот на десницата, додека германскиот канцелар Олаф Шолц не го стори тоа? Наедно, во Германија нема индикации дека Шолц би можел да го стори тоа, иако неговата социјалистичко-зелено-либерална коалиција помина уште полошо од либералите на Макрон. Имено, ова е најтешкиот пораз на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) од создавањето на Сојузна Република Германија во 1949 година. На првите избори одржани на 14 август 1949 година, СПД беше на второто место, само два отсто послаба од демохристијаните, т.е. Христијанско-демократската унија на Германија (Christlich Demokratische Union Deutschlands – CDU).
Во овој случај, на второ место, веднаш зад ЦДУ, е екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД). Како што сугерира нејзиното име, Алтернатива за Германија се залага за т.н. алтернативни решенија. Тоа вклучува и протерување на странците – риквандерунг (чекор на рак – rückwanderung), односно новоусвоениот термин – реемиграција. Овој „алтернативен термин“ АфД го користи за да може да го разберат сите оние имигранти што не научиле германски.
Со одзив од дури 64,78 отсто, ЦДУ успеа да освои 30 отсто од гласовите (29 пратеници). АфД е втора, со 15,9 отсто (15 пратеници), а СПД е само трета со 13,9 отсто (14 пратеници). Коалициските партнери на Шолц поминаа уште полошо. Зелените освоија 11,9 отсто (12 пратеници), а либералите 5,2 отсто (5 пратеници). Истовремено, мора да се каже дека германските избори за ЕУ немаат изборен праг. Поради ова, некои партии добија по еден претставник со само 0,6 отсто освоени гласови.
Во секој случај, АфД постигна невиден успех, а ЦДУ никогаш не пропаѓа, додека канцеларот Шолц одби да распише предвремени избори.
За да се избегнат какви било сомнежи, портпаролот на Владата, Штефен Хебестрајт, во Берлин изјави: „Редовниот датум за избори е наесен наредната година и планираме да го направиме тоа“, мислејќи на избори во Германија.
А причината, според аналитичарите, е сосема јасна. Како претседател, Макрон останува на функцијата и по распуштањето на парламентот. Додека канцеларот Шолц може само да поднесе оставка и да ја распушти Владата. Теоретски, германскиот парламент би можел да гласа за нова влада, но поверојатно е таа сепак да се распушти.
Имајќи ги предвид резултатите од изборите во ЕУ, јасно е дека Шолц, сите негови министри, како и големо мнозинство социјалдемократски, зелени и либерални пратеници „ќе останат без досегашната работа“. Затоа Шолц ќе продолжи да го одолжува своето сѐ помалку популарно владеење до парламентарните избори наредната година. И во ова најверојатно ќе успеат, бидејќи и коалициските партнери немаат илузии дека ќе завршат на предвремени избори. Квотата на „зелените“ пратеници во Бундестагот би била значително намалена, а Слободната демократска партија (Freie Demokratische Partei), т.е. либералите веројатно нема ни да влезат.
Сето ова досега кажано треба да го имаат предвид и креаторите на надворешната политика во Македонија, бидејќи се покажа дека политиките на лидерите на најголемите и најмоќни земји во ЕУ, кога стигнаа на преиспитување пред европските граѓани, не поминаа воопшто добро и тие беа казнети. Ние немаме механизам да го направиме тоа, но, според повеќе професори и политички аналитичари, „доволно сме умни за да не продолжиме со сервилните политики на споменатите земји, особено на политиките на Макрон, бидејќи сме сведоци на нивното фијаско“! Д.Ст.