Ако македонските граѓани се колебаа да му простат на Макрон за лицемерноста и хипокризијата во неговите ветувања и политики, оној што е непоколеблив и историски знаменосец на демократските промени во колепката на демократијата во Европа е токму францускиот народ, кој овој пат жестоко пресуди за ретроградите политики на Макрон. Французите – отсекогаш со силни емоции, каде што љубовта е религија, па така, и љубовта кон татковината – сакаат нивната држава, но и Европа, да ја водат луѓе со визија и со јасни ставови до кои се држат и по никоја цена не отстапуваат од патот на сеопштиот просперитет и благосостојба. Тоа е одлика на големите лидери, кои очигледно сѐ помалку ги има. Макрон со своите постапки го урна митот дека може да биде идниот европски лидер…

Прошка за гревовите на францускиот претседател Емануел Макрон кон Македонија?!

И натаму не стивнуваат реакциите во јавноста по дебаклот што францускиот претседател Емануел Макрон го доживеа на европските избори, па покрај тоа што веќе распиша избори како одговор на изборниот резултат, од извесни кругови во Париз се лиферува и информацијата дека Макрон би можел и предвреме да се повлече од функцијата и да отвори простор и за претседателски избори во Франција.
Рефлексиите од случувањата на француската политичка сцена по европските избори допираат и до македонската јавност, која со право ја истакнува сопствената разочараност од однесувањето на човекот што претендираше да биде идниот европски лидер, по повлекувањето од европското кормило на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел.
Македонија врз своја кожа најдобро го почувствува лицемерниот однос на францускиот претседател, кој во видеообраќање до македонските граѓани во предвечерјето на референдумот за промена на името вети европска иднина за земјата и почитување на волјата на македонскиот народ. Но се случи обратното.
– Веќе 25 години нашите две земји негуваат дипломатски односи. Дваесет и пет години заедничко минато и поврзани судбини меѓу нашите народи, чии корени се длабоко вкоренети низ вековите. Во тој поглед, во последните години беа направени многу нешта, но на 17 јуни 2018 година се направи голем исчекор. Исчекорот беше направен со храброста на вашите лидери, меѓу вашата земја и Грција, со кој се стави крај на 27-годишниот спор. Таа т.н. „Спогодба од Преспа“ од 17 јуни 2018 година овозможува напредок и подготовка на иднината. Референдумското прашање на 30 септември оваа година се однесува токму на таа спогодба – порача тогаш во видеообраќањето Макрон.
Понатаму истакна дека нема совршени договори, но дека верува во силата на Европа, во колективната мудрост и заемната соработка.

– Запознаен сум со сите полемики што се водат и кои се дел од демократската дебата во земјата. Но јас од овде, бидејќи верувам во нашиот континент, во силата на Европа во моќта на колективната мудрост и во заемната соработка, би сакал да се обврзам и да ви кажам во што верувам. Знам дека ни еден договор не е совршен. Знам дека за едните истиот тој не е доволно долгорочен, а за другите дека поинаку би го испреговарале. Ги слушам сите критики што се кажани. До пред неколку месеци никој не се надеваше на овој договор. Но на овој договор се чека веќе 27 години. Овој договор се постигна поради храброста на вашите и на грчките лидери. Затоа јас го поддржувам. Целосно! Силно! Сметам дека истиот тој има централно место во плановите за иднината на земјата. Тој е и суштината на амбициите за вашата младина и на тоа што може да го направиме заедно во годините што следуваат – истакна уште Макрон.
На крајот не заборави да каже дека народот е тој што одлучува, дали е за промена на името или не.
– Јас не можам да се ставам на вашето место зашто вие гласате независно во оваа политичка дебата, која е важна за земјата. Вие треба да изберете и да се одлучите дали сте за промена на Уставот или не, за спогодбата да стане важечка. Да станете Северна Македонија, во согласност со спогодбата. Јас одлучно сум ЗА и цврсто верувам дека овој договор е добар! За вас, за целиот регион и за Европа. Сметам на вас – порача пред шест години францускиот претседател Емануел Макрон во видеопораката што ја упати до македонските граѓани во пресрет на референдумот.
Само неколку месеци подоцна, францускиот претседател стави вето за отворањето на пристапните преговори за Македонија со Европската Унија, со образложение дека е потребна нова методологија во процесот на проширување за тој да биде ефективен.
Во првото обраќање во јавноста по ветото за Македонија, Макрон сега ја смени слаткоречивоста и изјави дека „полноправното членство на ЕУ не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите во соседството на Унијата“, доведувајќи ги за првпат јавно во прашање европската иднина и перспектива на земјите од Западен Балкан, зацртани во Солун во 2003 година.
– Разговаравме за нашите визии за Европа, а јас не сметам дека проширувањето е единствената политика кон соседството – изјави Макрон, додавајќи дека ЕУ не функционира каква што е сега.
Уште додаде дека ако Македонија почнела преговори сама, без Албанија, тоа би предизвикало насилство, не само кај албанското малцинство во Македонија туку во сите земји каде што има албанско малцинство.

Лековерноста на Македонија да заврши со вербата кон “политиките на двоен колосек ” што ги водеше Макрон / Фото: ЕПА

– Зелено светло за С. Македонија без Албанија ќе беше смртоносна политичка грешка, а тоа беше единствениот можен консензус, ќе видевме политички и социјални движења од неверојатно насилство, не само кај албанското малцинство во С. Македонија туку во сите земји каде што има албанско малцинство – констатираше сега Макрон, само неколку месеци откако преку видеопорака ги убедуваше македонските граѓани дека Европа смета на нив.
На крајот се сети и да каже дека куќата треба прво да ја реновираат пред да примаат нови членки, мислејќи на ЕУ, иако истото тоа можеше да го напомене и пред да ги заблудува македонските граѓани со приказните за некаква европска иднина, така што уште тогаш да им порача и тие прво да си ја средат куќата дома, а потоа да решаваат дали ќе го менуваат името или не.

Сепак, ако македонските граѓани се колебаа да му простат на Макрон за лицемерноста и хипокризијата во неговите ветувања и политики, оној што е непоколеблив и историски знаменосец на демократските промени во колепката на демократијата во Европа е токму францускиот народ, кој овој пат жестоко пресуди за ретроградите политики на Макрон. Французите – отсекогаш со силни емоции, каде што љубовта е религија, па така, и љубовта кон татковината – сакаат нивната држава, но и Европа, да ја водат луѓе со визија и со јасни ставови до кои се држат и по никоја цена не отстапуваат од патот на сеопштиот просперитет и благосостојба. Тоа е одлика на големите лидери, кои очигледно сѐ помалку ги има. Макрон со своите постапки го урна митот дека може да биде идниот европски лидер исто онака како што си го урна сопствениот кредибилитет и во Франција, но секако многу порано во Македонија. Македонските граѓани многу порано ги препознаа лажното лидерство и лицемерство!