Американскиот претседател Доналд Трамп ја смени приказната, признавајќи оти ѝ платил 130 илјади долари на порно-ѕвездата Сторми Даниелс, a порача дека имале договор за доверливост „што ќе ги спречи лажните обвинувања во врска со аферата од нејзина страна“, пренесува „Ју-ес-еј тудеј“.
Оваа информација е спротивна на претходните тврдења на американскиот лидер, кој досега порачуваше оти „не знаел ништо во врска со некаква исплата за актерката во филмовите за возрасни“.
Трамп на „Твитер“ објави и дека средствата за неговата претседателска кампања не биле користени во исплатата. Одредени познавачи на состојбите се сомневаат во легалноста на исплатата, односно дека таа може да биде подложна на законите за финансирањето на политичките кампањи.
Признанието на претседателот на САД доаѓа по изјавите на неговиот адвокат, поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, кој истакна дека Трамп му ги вратил парите на неговиот личен адвокат Мајкл Коен, кои претходно ѝ биле исплатени на Даниелс.
Правниот застапник на Даниелс, Мајкл Авенати, го окарактеризира признанието на Трамп, како неверојатно откритие, кое ќе биде од корист за Даниелс.
Порно-ѕвездата Сторми Даниелс, претходно, поднесе тужба за да добие право да ги изнесе деталите од наводната интимна врска со Трамп.