Тео Богoевски е голем борец, кој денес ја живее својата 27 пролет, а цели 11 години е неподвижен. Од неодамна тој повторно може самостојно да функционира и да се движи со помош на новата електромоторна количка која благодарение на хуманоста на овој народ е набавена преку дистрибутерот на „Sunrise Medical“ за Македонија, фирмата за ортопедски помагала “Бауерфеинд”.
-Благодарение на сите прекрасни луѓе еве го и тој ден, кога ја добив новата количка. Не можам со зборови да го опишам чувството, сеуште сум во шок. Сега можам сам да си подесувам позиција на нозе, грб, висина, можам да сменам положба да не се здрвувам по цел ден, качувам тротоари, спуштам стабилно… Луѓе ме напраивте 100% посамостоен. Фала Ви за секоја порака, убава мисла, за секоја донација, за секоја љубов со која направивте да уживам во собирањето средства… Ве гушкам сите – напиша Тео на својот ФБ профил споделувајќи ја радоста.
Само еден миг од денот може да ни го промени животот. До својата 16 -та година Тео бил подвижен без никакви проблеми, но кобниот скок во Охридското Езеро му ги одзема нозете и го прави потполно зависен од инвалидска количка и друго лице. Безмалку 2 години беа потребни да се соберат средствата за да се набави најсоодветната количка за Тео според степенот на неговиот инвалидитет, потребите и можностите.
Хуманоста повторно помогна уште еден млад живот да ги живее деновите поподносливо покрај големиот хендикеп, а производителот на количката „Sunrise medical” од Германија, преку своите дистрибутери од Македонија, компанијата „Бауерфеинд“, му ја испорачаа истата.