Рускиот олигарх Роман Абрамович и сопственик на англискиот фудбалски клуб Челзи, не може да добие британска виза по новонастанатите затегнати односи меѓу Обединетото Кралство и Русија поради „случајот Скрипал“, јавува „Дејли Меил“.
Извори блиски до милијардерот велат дека барањето за продолжување на визата се уште не е одбиено, но процедурата трае премногу долго. Британскиот министер за безбедност Бен Волас вели дека тоа е така бидејќи од 2014 година критериумите за странски инвеститори се позатегнати.
– Тоа вклучува и одбивање на апликацијата доколку постојат основани причини дека апликантот незаконски стекнал имот, изјави Волас.
Засега, нема податоци за евентуална инволвираност на Абрамович во незаконски активности. Абрамович милијардите ги стекна во рускиот нафтен сектор, а потоа и во металуршката индустрија.