Социјалната мрежа Фејсбук имаше тешка 2018 година. Во изминатиот период, мрежата на основачот Марк Закерберг се соочи со најразлични видови контроверзии, како што беа скандалите со „истекување“ на податоци, испитувања од страна на Конгресот во САД, но и со обвиненија дека најразлични влади во светот ја користеле платформата да шират политичка пропаганда и „лажни вести“, пренесува „Бизнис инсајдер“.
Но, измината година, основачот и извршниот директор на Фејсбук, Закерберг, ја гледа како „добро завршена работа“.
– Во 2018 година, мојот личен предизвик беше да се фокусирам на некои од најважните проблеми со кои се соочува нашето општество, без разлика дали станува збор за превенирање на мешање во избори, запирање на говор на омраза и лажно информирање, осигурување дека луѓето имаат контрола врз своите информации и обезбедување дека нашиот сервис ќе ја подобри благосостојбата на луѓето. Горд сум дека во сите овие области успеавме да постигнеме напредок. – напиша Закерберг.
Тој секоја година си поставува амбиционзни цели за следната, а за 2018 година тие беа да се „поправи“ Фејсбук.
– Сакам да биде јасно дека решавањето на овие проблеми е процес кој трае повеќе од една година. Но, во сите области кои ги споменав, ние воспоставивме повеќегодишни планови за да ги реформираме нашите системи и веќе сме длабоко навлезени во оваа реконструкција. – дополни Закерберг.
Во останатиот дел од објавата, американецот детално образложи како Фејбук ја подобрил својата работа и инкорпорирал системи со вештачка интелегенција за да се бори со пропагандата, да отстранува штетни содржни, но и за тоа како платформата нашла начин со кој ќе се намалува времето кое луѓето го минуваат гледајќи популарни видео клипови.
Закерберг во објавата не ги откри своите лични цели за 2019 година, но ако Фејсбук продолжи да работи како што работеше во 2018, сигурно повторно ќе биде во насловите на светските медиуми.