„Дома за Божиќ“ е прва норвешка продукција за Нетфликс, чија прва сезона се појавува во декември во 2019 г., баш за време на божиќните празници. Со шест епизоди по сезона и траење од само половина час по епизода, многу лесно се гледа одеднаш.
Серијата ја следи актерката Елис Брош во улогата на Џоана, триесетгодишна медицинска сестра, која е под притисок на семејството да доведе момче за време на традиционално организираната бадникова вечера. Поточно, Џоана на први декември на семејството му најавува дека има момче што ќе го донесе на вечера, а со тоа почнуваат и 24-те дена со забрзани состаноци, слепи состаноци, неочекувани љубовници, надеж и разочарување дека никогаш нема да пронајде нормално момче.
Со приказната што се одвива брзо, извонредно симпатичната главна актерка и духовитиот избор на партнер, серијата дава свој коментар на денешната сцена за романтични состаноци, друштвените норми и очекувањата од девојка што нема партнер. Многу бргу се вовлече во срцата на гледачите и со сигурност ќе се најдете во некоја од сцените. Веднаш доби многу позитивни критики и е опишана како спој од Бриџит Џонс и „Љубовта всушност“, а тоа е опис на кој е тешко да се одолее.
Сето тоа ѝ даде ветер во грб, а откако излезе втората сезона многу бргу се најде на седмото место на моментално најгледаните серии. Во последната епизода од првата сезона бевме оставени пред голема бездна – со која заврши Џоана по сите бадникови перипетии. Новата сезона гарантира еднакво количество мини-заплети и расплети, топли приказни и возбудувања додека Џоана повторно се обидува да го одбере вистинскиот партнер за себе.