Кога пристигна во својот нов дом во канадски Ванкувер, Шакила Зарин стави нејзина фотографија, на која е облечена во жолт фустан, покрај креветот, за да ја потсетува на животот пред да биде приморана на брак и пред да избега од Авганистан, стравувајќи за својата безбедност. Но, фотографијата служи, пред се, за Зарин да се сеќава како изгледаше пред нејзиниот сопруг да ја застрела со ловечка пушка во лицето, пишува британски „Гардијан“.
– Оваа фотографија е носталгичен спомен за тоа која бев јас. Кога ќе се погледнам сега, гледам дека моето око, образ и усните не се таму каде што беа. Но, ја имам оваа фотографија – вели 23-годишната девојка која почнува нов живот во Канада, откако САД неочекувано ја повлекоа нивната понуда за нејзино сместување.
Маките на Зарин почнале на нејзина 17-годишна возраст, кога била присилена на брак со 14 години постар маж, кој постојано ја тепал и ја злоставувал. Таа немала избор, бидејќи роднина на нејзиниот сопруг дошол со 20-члена вооружена придружба во нејзиниот дом во Баглан, со намера да ја присили на бракот.
Девојката попусто барала помош од полицијата, по што одлучила да избега во домот на нејзината мајка. Нејзиниот сопруг дошол со пушка и ја застрелал во лицето, истата вечер.
Зарин следното утро се разбудила во болница во Кабул, откако чудесно ги преживеала повредите и патувањето од 400 километри низ планинскиот предел на Авганистан. Таа првично мислела дека сонува, додека не го допрела лицето, по што сфатила дека една половина недостасува.
Индиската влада го платила лекувањето на младата Авганистанка во Њу Делхи, вклучувајќи ги деветте операции на лицето. Роднината на нејзиниот сопруг, продолжил да ѝ се заканува и додека била во Индија, порачувајќи дека ќе ја убие Зарин, како и нејзината мајка и сестра. Згора, тој тврдел дека девојката сама се застрелала, во изјава за „Гардијан“. Сопругот на Зарин, кој поминал 10 месеци во затвор, ги одбил барањата на весникот за интервју.
Зарин стравувала од враќањето во Авганистан, по што поднела барање за азил преку Обединетите нации. Во 2016 година, нејзината преселба во САД била начелно прифатена, за понудата потоа да биде одбиена поради безбедносни причини. Постоеја шпекулации дека САД, наводно, ја одбиле преселбата на Зарин поради поврзаноста на семејството на нејзиниот сопруг со Талибанците.
Неколку месеци подоцна, Канада се согласила да ја прифати Зарин, по што таа стигнала во Ванкувер во јануари годинава, заедно со нејзината мајка и сестра.
– И тогаш бев силна, бидејќи секогаш се борев, но сега сум уште посилна – порачува Зарин.