Марија ги одгледа сите реклами со насмеани семејства на својот стар телевизор, стана полека и со тежок чекор се упати кон бањата. Се изми, се исчешла, ја облече ношницата и, на патот кон празната спална соба, го зеде со себе полното кутиче со дијазепам од 10 мг… Знаете ли дека најголем број од самоубиствата се случуваат за време на празници? Сте помислиле ли некогаш колкава штета носат со себе блескавите распеани празнични реклами и најави? Во нив сѐ е совршено, семејството е големо и сите се на број, никој не е тажен, болен или осамен.
Огромната и безмилосна пропаганда создава лажна, вештачка слика за животите на другите луѓе, зашто големите производители се алчни и мислат само како да дојдат до поголем профит и самопромоција. А во реалноста, сѐ поголем е бројот на едночлени заедници, самци што живеат без своето семејство. Само како пример, во Германија дури 38 отсто од домаќинствата се составени од еден член, со фрапантна статистика што кажува дека во Берлин, Минхен и во Келн вчудовидувачки 50 отсто од семејствата се такви. Но за да биде иронијата уште поголема: колку повеќе сами и осамени луѓе има, толку повеќе медиумите нѐ бомбардираат со реклами за многучлени семејства, сите заедно за празниците, насмеани, прегрнати! Во една ваква наметната ситуација, никому не му е гајле колку болка, страв и безнадежност се раѓаат во душите на оние што се сами пред новогодишната или божиќна трпеза, се чувствуваат непотребно, вишок, без причина за славење, радост или планови за иднината.
Еднаш, пред некоја година, и мојот живот личеше на оној од рекламите. Но дури и тогаш моето мало весело семејство не забораваше на оние што се сами. Радосно тропавме на нивните порти, ни ја хранеа душата со нивната топла насмевка затоа што сме им посветиле трошка внимание, ситен подарок или едноставно – љубов. Иако сега сум сама, никогаш нема да се откажам од ваквиот чин на милосрдие и човекољубие. Како психолог, но пред сѐ како човек, чувствувам должност да предупредам на она што веќе почна да се случува и пред годинешниве празници – луѓе што ги нема во статистиката си ги одземаат животите, оти сметаат дека нема што да бараат во овој материјален свет, во кој успеваат само групите. Оние надвор од стадото ги „јаде“ мракот. За жал, чинам дека годинава рекламите-убијци се намножија до гротескни размери. Нивната порака „вреска“ во етерот – ако имаш семејство вредиш, ако немаш – ти си ништо!
Сетете се на некој што е сам, драги мои, тоа што сте се собрале семејно не значи дека центарот на светот е во средината на вашата дневна соба. Јавете му се некому за кој знаете дека е тажен, во депресија или само осамен. Ќе му значи повеќе од сите светски богатства. А којзнае, можеби и ќе го премисли кога ќе помисли да го испие полното кутиче со дијазепам и да си легне. Среќни и весели празници, драги мои! Сами, со големо или мало семејство покрај себе, сите вредиме исто. Сечиј живот има своја причина и цел.
Валбурга Батева Николовска