Гламурозна принцеза побегна од нејзиниот брак со постар владател, во заплет како во филмовите. Станува збор за принцезата Хаја бинт ал-Хусеин (45), полусестра на кралот на Јордан, за која се претпоставува дека се засолнила во едно од најлуксузните предградија на Лондон, објави „Лос Анџелес тајмс“.
Таа е шестата сопруга на шеикот Мухамед бин Рашид ал-Мактум (69), милијардер кој владее со богатиот емират на Дубаи, најнаселениот од Обединетите Арапски Емирати. Тие стапиле во брак во 2004 година.
Не постојат официјални документи со кои се потврдува дека принцезата Хаја бара политички азил во Британија, откако првично побегна во Германија. Министерството за внатрешни работи, кое се занимава со прашањата за државјанство и азил, синоќа одговори дека не може да коментира за поединечни случаи.
Но според извештаите на британските медиуми, таа веќе неколку месеци се наоѓа во државата. Во понеделникот, лондонскиот „Тајмс“ пренесе дека принцезата е преселена во резиденција вредна 107 милиони долари, во близина на палатата Кенсингтон, заедно со нејзината 11-годишна ќерка и седумгодишниот син. Неколку странски медиуми известија дека принцезата се плаши оти ќе биде киднапирана и присилена да се врати во Дубаи.
Овие стравови не се неосновани. Принцезата ќе биде најмалку трет женски член на емиратското кралско семејство која се обидува да се ослободи, откако две од ќерките на шеикот биле пронајдени и вратени кога се обиделе да избегаат – едната во 2000 година, а другата минатата година.
Шпекулации за нивниот брак се појавија минатиот месец кога шеикот Мухамед објави поема на неговата интернет-страница во која со гнев пишува за неименувана женска личност.
– Заврши ерата на твоите лаги, ти веќе не припаѓаш покрај мене. Не ми е грижа дали си жива или мртва – стои во поемата.
Шпекулациите се засилиле откако принцезата заминала.
Потенцијалните последици од кралскиот развод би можеле да се прошират надвор од семејниот дом. Принцезата Хаја долго време е добро позната фигура во Јордан. Нејзин татко беше починатиот крал Хусеин, а актуелниот монарх, кралот Абдула е нејзин полубрат.
Од прес-службата на шеикот Мухамед, на гласините за неговата сопруга одговорија со објавување на фотографии на кои двојката е среќна и насмеана.
– Поздрав и почит до мојата сопруга Хаја, ќерката на Хусеин – пишува во описот на фотографиите.