Наследниците на Принс уште не добија ниту еден долар од богатството на славниот музичар, кое се проценува на безмалку 200 милиони долари, и по две години од неговата смрт, пишува магазинот „Форбс“.
Причина за ваквата ситуација претставува отсутвото на тестамент на пејачот, што ја прави поделбата на неговото богатство комплицирана. Токму затоа, управителот на неговиот имот не може да ги подели парите на шесте негови роднини, кои се наведуваат како можни наследници, се додека даночната служба и извршителот не постигнат согласност за вредноста на имотот во времето на смрттна на Принс, кој почина на 21 април 2016 година.
Процедурата, сепак, не го спречи извршителот и неговите адвокати да инкасираат околу 5,9 милиони долари, на сметка на нивните хонорари и трошоци. Згора, тие побараа дополнителни 2,9 милиони долари. А тука не се вклучени и хонорарите за другите адвокати и советници во процесот.
Во случај на отстуство на тестамент, судот ја презема распределбата на имотот, назначувајќи лице или компанија кои треба да се справат со сите барања поврзани со имотот, плаќањето на кредиторите, како и со распределба на преостанатите средства на државата. Затоа процесот на поделбата на наследството во овој случај е долг и скап.
Обвинителството во Минесота, пак, допрва треба да објави дали ќе покрене обвинение во случајот со смртта на музичката ѕвезда чие полно име е Принс Роџерс Нелсон.