Најновото филмско остварување на режисерот Сем Мендез, кого публиката го знае по филмот „Американска убавина“, како и филмовите за тајниот агент 007, „Скајфол“ и „Спектра“, годинава се бори за „оскар“ во 10 категории, меѓу кои и за „оскар“ за најдобар филм.
Филмот „1917“ дефинитивно претставува фаворит, барем во дел од категориите во кои е номиниран, и тоа сосема заслужено! Во оној момент кога помислувате дека не е можно уште еден филм за Првата светска војна да понуди нешто ново и различно, „1917“ е тука за да ве убеди во спротивното!
Филмот „1917“ претставува вистинска визуелна воена поезија на платно, снимен на уникатен начин, кој остава впечаток дека целиот филм е, всушност, еден кадар. Снимен според сценарио на Мендез и Кристи Вилсон-Кеимс, „1917“, иако навидум нуди едноставна премиса, сепак успева да разбуди бура од чувства, страв, тага, ужас, паника и сѐ друго што доаѓа со бруталноста на војната.
Двајца млади војници, Ско (кого го игра Џорџ Мекеј) и Блејк (чија улога ја толкува Дин-Чарлс Чапман) се испратени на задача од која зависи животот на 1.600 британски војници. Приказната се случува во април 1917 година, кога германската армија се повлекува од секторот на Западниот фронт во северна Франција. Генералот Еринмор проценува дека нивното повлекување всушност е замка, па ги праќа Ско и Блејк лично да пренесат писмо до Вториот баталјон на девонширскиот режим, за да го спречат нападот во кој се предвидуваат 1.600 британски жртви, меѓу кои би бил и постариот брат на Блејк, поручникот Џозеф Блејк.
Од тој момент натаму, целта е јасна и мотивацијата на ликовите кристално дефинирана. Камерата на Роџер Дикинс непрекинато го носи гледачот на пат заедно со двајцата војници, правејќи да се чувствува како трет член директно инволвиран во секоја опасност. Дикинс е вистински уметник во својата работа. Движењето на камерата околу актерите, начинот на кој го внесува гледачот во моментот на ужасот и начинот на кој успева да ги прикаже грозоморните резултати на војната, прави секој од публиката да се чувствува дека е таму. А секако, монтажата на Ли Смит го зајакнува чувството на моменталност, чувството на опасност што демне од секој агол и неподносливото исчекување, со начинот на кој филмот е монтиран за да изгледа како еден и единствен кадар. Така публиката станува дел од хоророт.
Продукцискиот дизајн, заедно со костимографијата и шминката, ја постигнува историската прецизност. Ско и Блејк нѐ носат низ клаустрофобични бункери, опустошени полиња, суви дрвја, калливи вирови, мртви тела. Овој филм покажува повеќе лица на војната, додека, пак, ноќните сцени во француското село Еку Сен Мен се вистинско визуелно богатство.
Моќта на музиката на Томас Њуман, пак, му додава уште една, сосема нова димензија на филмот. Иако станува збор за воен филм, „1917“ е далеку од воена акција. Употребата на огнено оружје е речиси сведена на минимум, па лесно забележуваме дека овој филм повеќе се стреми да го прикаже ужасот што се крие зад затишјето пред бурата. Музиката на Њуман и го постигнува тоа. Освен примарната цел, да ја засили тензијата секогаш кога треба, таа ја рефлектира и внатрешната борба во ликовите што ги следиме.
Ова не е прва соработка помеѓу Мендез и Њуман. Тој беше автор и на музиката за филмот „Американска убавина“, која исто така му донесе номинација за „оскар“ за најдобра филмска музика.
Филмот „1917“ не се фокусира на изградба на ликовите онолку колку што можеби би требало и можело. Како филм што без престан ги следи од почетокот до крајот, простор и време за тоа несомнено има, Мендез се одлучува да се посвети повеќе на ситуациите во кои се наоѓаат тие, како и начините на кои тие се борат со константната опасност. Во таа смисла, кастингот е одличен, а Џорџ Мекеј и Дин-Чарлс Чапман си ја завршуваат својата работа беспрекорно. Мендез се решава на интересен потег во однос на кастингот, ангажирајќи млади и не толку популарни актери за главните ликови, наспроти Бенедикт Камбербач, Колин Фирт, Марк Стронг, Ендру Скот и Ричард Маден на кои им се доделени улоги со повисоки функции, но со значително пократко време на екранот.
Неизбежно споредуван со „Данкирк“, „1917“ сепак претставува нешто ново и свежо, тој е еден поинаков приказ на војната. Ова е филм што еднакво го заробува вниманието на гледачот, без разлика на возрасната група. Вреди да се погледне на кино!