Изборот на „Нова Македонија“ за најдобри филмови од неанглиско говорно подрачје на 21 век, во најголем дел се поклопува со листите што беа објавени на најдоминантните филмски сајтови, како „Плејлист“, „Ротен томатос“, „Индивајр“, „ИМДБ“ и други.
Честопати филмски магазини и сајтови практикуваат објавување листи на најдобри играни филмови на годината или векот, почнувајќи од акциони, научнофантастични, трилери и комедии, па до документарни филмови и филмови од неанглиско говорно подрачје. Овие листи честопати служат како одличен потсетник, особено за помладите генерации, дека добриот филм постои и надвор од границите на Холивуд. За еден филм да биде оценет како ремек-дело, не мора да биде блокбастер по секоја цена, ниту пак да припаѓа на еден конкретен жанр или на одредено говорно подрачје. Дваесет и првиот век роди големи филмски имиња и дела од неанглиско говорно подрачје, имиња што несомнено оставија печат врз современата светска кинематографија.
Изборот на „Нова Македонија“ за најдобри филмови од неанглиско говорно подрачје на 21 век, во најголем дел се поклопува со листите што беа објавени на најдоминантните филмски сајтови, како „Плејлист“, „Ротен томатос“, „Индивајр“, „ИМДБ“ и други.
1. „Клекнат тигар, скриен змеј“ (2000, Народна Република Кина)
Со огромен број награди зад себе и четири освоени „оскари“, „Клекнат тигар, скриен змеј“ на Анг Ли многу брзо и лесно ја освои светската публика, претставувајќи кинески боречки вештини на еден уникатен и визуелно волшебен начин. Покрај возбудливите боречки сцени и карактери, кои со неверојатна леснотија ја надмудруваат гравитацијата, летајќи од покрив на покрив, покрај прекрасната костимографија и моќно емотивна музика, тука се и одличните актери, како и прекрасната приказна што има моќ да ве пренесе во еден неверојатен свет.
2. „Расположение за љубов“ (2000, Хонгконг)
Ремек-делото на Вонг Кар-Ваи е оценето како еден од најубавите филмови на сите времиња. Неговата маестралност во начинот на прикажување најдлабока љубов и страст, преку романтична фотографија, емотивни кратки моменти низ тесни улични, ѕиркање низ подотворени врати, без никаква потреба од експлицитност, е она што заедно со одличната изведба на Меги Чун и Тони Лјон го издвојува овој филм од голем број други од истиот жанр.
3. „И мајка ти, исто така“ (2001, Мексико)
Овој филм на Алфонсо Куарон, освен што беше номиниран за „оскар“, тој исто така се занимава со големи идеи и големи прашања, од политички пресврти во Мексико до прашања за сексуалноста. Филмот ги следи двајцата главни ликови, двајца тинејџери, кои паѓаат во мамката на една привлечна повозрасна жена и многу бргу приказната се претвора во експлицитна еротска драма, преплетена со чист реализам, значајни откритија и трагичен крај.
4. „Градот на Бог“ (2002, Бразил)
Бразилскиот криминалистички бисер во режија на Фернанду Меирелис и на Карја Лунд, снимен според истоимениот роман на Пауло Линс, ни раскажува приказна за момче што расте опкружено од гето-бандите на Рио де Жанеиро, момче што сфаќа дека посакува поинаков начин на живот за себе. Споредуван со „Добри момци“ на Мартин Скорсезе, овој филм е исполнет со сиромаштија, криминал, класна раслоеност и опасност, но без потреба од експлицитно насилство. Реалистичноста е најсилен атрибут на овој филм.
5. „Олдбој“ (2003, Јужна Кореја)
Можеби еден од најдобрите и најпрепознатливи јужнокорејски филмски остварувања, „Олдбој“ на Парк Чан-вук успеа да го сврти светското внимание кон себе и земјата од која потекнува, докажувајќи дека Јужна Кореја продуцира одлични филмови и има потенцијал што заслужува повеќе внимание. „Олдбој“ е филм што длабоко навлегува во порите на една приказна за болка и одмазда. Снимен е според истоимената јапонска манга и претставува одлична игра помеѓу акција, трилер и хорор, со голем број незаборавни сцени. „Олдбој“ ги истражува гневот и желбата за одмазда како дел од човековата природа, градејќи морално тешки препреки за ликовите, препреки што создаваат чувство на гадење токму затоа што се реалистични. Ова е филм што ги тера своите гледачи да размислуваат и да се запрашаат, во ситуации како оние што се прикажани на филмското платно, кој е вистинскиот победник, а кој губитник.
6. „Пановиот лавиринт“ (2006, Мексико)
Несомнено, едно од најголемите дела на режисерот Гилермо дел Торо, претставува пример за тоа како историска драма, фантазија, авантура, траума, осаменост и несфатено детство можат совршено да се искомбинираат. „Пановиот лавиринт“ ја следи приказната на малата Офелија, во периодот непосредно по Шпанската граѓанска војна. Офелија се преселува во нов дом што се наоѓа в шума, заедно со нејзината бремена мајка и очувот што не е ништо помалку од садистички капетан. Паралелно или можеби само во имагинацијата на Офелија, еден волшебен свет почнува да се открива под шумата, а понатаму овој филм со неверојатна леснотија танцува помеѓу силите на злото и доброто, среќата и очајот, водејќи нѐ до еден од најневеројатните филмски краеви во историјата.
7. „Љубов“ (2012, Франција/Австрија/Германија)
Филмските критичари ги обожаваат Михаел Ханеке и неговите филмови, а неговото ремек-дело „Љубов“, освен што ја доби „златната палма“ на Канскиот филмски фестивал, заслужено го понесе и „оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. „Љубов“ претставува неверојатен портрет на еден парижанец, чија жена останува неподвижна по мозочен удар. Ова е можеби еден од најчовечките, најдлабоки и емотивно најкомплексни филмови на Ханеке.
8. „Тони Ердман“ (2016, Германија/Австрија)
Третиот номиниран филм за „оскар“ од режисерката Марен Аде претставува уникатно филмско остварување што се занимава со темата за односот меѓу таткото и ќерката. Ова е неконвенционална комедија, во најдобра смисла – органска, шокантна и смешна, и сето тоа во само 162 минути. Филмот се снимал пет години затоа што на одличните актери што ги глумат двата водечки лика им биле потребни време и долги вежби заедно со Аде, за да се изградат нивните комплексни карактери, како и нивниот динамичен однос. Филмот ја следи Инес, која е опседната од својата работа и нема време ниту за приватен живот, а ниту пак за нејзиниот татко, кој од друга страна, пак, е подготвен сосема да му се предаде на своето смешно алтер его Тони Ердман, за да го придобие вниманието на својата ќерка. Борејќи се низ моменти на силна носталгија за времето кога таа била мала, таткото успева повторно да се доближи до неговата ќерка, а таа конечно ги ослободува своите скриени емоции.
9. „Квадратот“ (2017, Шведска)
Ова дело на режисерот Рубен Астлунд, покрај тоа што го претставува доказ за неговата маестралност, исто така претставува и одлична сатира за постапките и наклонетостите на општеството што се гордее со „добри“ дела и „знаењето повеќе и подобро“ од другите. Успешно доаѓа до срцевината на човештвото преку духовитост, темна комедија и огорчено признание дека секогаш можеме да направиме подобро отколку што мислиме дека правиме.
10. „Крадци “ (2018, Јапонија)
Хирокацу Коре-еда создаде ремек-дело, кое несомнено ја заслужи минатогодишната „златна палма“ на Канскиот филмски фестивал. „Крадци“ е комплексна, суптилна и мистериозна психолошка драма со неверојатно неочекуван крај. Ова е една сложена семејна драма снимена во класичен јапонски стил. Филмот ја следи приказната на едно семејство крадци што живее од ден за ден, борејќи се да опстои во суровото општество. Еден ден, семејството ќе забележи само исплашено девојче, кое е покриено со модринки и не зборува. Тие решаваат да го земат со себе и да го направат член на нивното семејство, а со текот на времето и да ја научат да краде со нив. Тие се одлучуваат да ја задржат и покрај тоа што на сите телевизии се известува за исчезнатото девојче, што не се разликува многу од нивните преостанати кражби. Но оваа кражба е дел од нешто многу поголемо, и ништо не е онака како што навидум изгледа. Ова е деликатен филм во кој секој момент, детаљ, поглед и насмевка се еднакво важни. Ова е приказна за група исплашени и скршени луѓе, здружени заедно под знамето на семејството, под радарот на законот.