Еден од филмовите кои беа очекувани со големо нетрпение на почетокот на оваа година несомнено беше „Алита: Борбениот Ангел “, акционата сајбер-панк авантура на деактивираната девојка-киборг која ја губи својата меморија и прави се за да дознае која и што е. Базиран на јапонскиот манга серијал „Ганму- Борбен Ангел Алита“ на Јукито Киширо, овој филм е во режија на Роберт Родригез, име кое стои зад звучни филмски наслови како: „Од самрак до зори“, „Деца шпиони“, „Мексико трилогијата“ и „Градот на гревот“, според адаптираното сценарио на Лаета Калогридис („Островот Шатер“,„Александар“) и Џејмс Камерон („Титаник“, „Терминатор“, „Аватар“) кој се појавува и како продуцент.
Филмот ја следи главната хероина Алита (Роса Салазар позната од „Лавиринт“, „Кутија со птици“), деактивиран киборг фрлен во отпад, од моментот кога ќе биде пронајдена од научникот за киборзи, д-р Дајсон ( феноменалниот Кристофер Валц – „Џанго“, „Неславни копилиња“, „Легендата за Тарзан“), кој решава да и даде ново тело.
Оттука започнува нејзината авантура. Кога ќе се реактивира, таа не памети ништо за својот претходен живот и нејзина главна цел претставува да се сети на нејзиното минато. Таа полека, како дете, почнува да го спознава светот околу себе, учи што е храна, запознава нови луѓе, се вљубува во најдобриот пријател, се забавува и станува заинтересирана, и директно инволвирана во натпреварувачкиот спорт „Моторбол“ каде киборзи се борат за главната награда до смрт. При тоа дознава повеќе за „Падот“ и големата војна коа ја остава планетата опустошена додека над Железниот град во кој живеат лебди последниот богат небесен град Залем, станува свесна дека постои непријател кој само таа може да го спречи. Но нејасните секвенци од нејзината меморија кои неочекувано се враќаат во нејзината глава, преку флеш-бек сцени успеваат да ја одржат љубопитноста на публиката додека полека ни станува јасно која е всушност Алита и колку е посебна.
Навидум со големи сличности со „Дух во школка“, „Алита“ уште од самиот почеток се судри со критики од публиката и критичарите. Проблемот не се состои во сличната тематика, и онака веќе одамна постојат голем број на филмови кои на свој начин играат со идејата за супер-интелигентни машини со вистински или програмирани човечки чувства ( „Истребувач“, „А.И. Вештачка интелигенција“, „Матрикс“, „Екс Макина“…). Проблемот, како и со „Дух во школка“ и овој пат се основа на фактот што филмовите се базирани на манга, а фановите тешко се задоволуваат со холивудски адаптации на нивните омилени јапонски стрипови. Во секој случај, реакциите се далеку попозитивни од оние за „Дух во школка“ и изведбата на Скарлет Јохансон, барем во однос на верноста кон оригиналниот материјал и културолошката апроприација.
„Алита: Борбениот Ангел “ не е совршен филм, ниту совршена адаптација, но е визуелно ремек дело. Она што го задржува вниманието на гледачот, покрај очигледното: речиси совршените визуелни ефекти, одличниот дизајн на звук и оригинална музика, е и неодоливиот шарм на главната хероина. Талентираната Роса Салазар успева да изгради лик на киборг кој е почовечки од останатите карактери кои се вистински луѓе, и заради тоа, нејзинитот карактер е лесно допадлив, силен женски лик, и е многу лесно гледачот да се поистоветува со неа. Може слободно да се рече дека таа нејзина карактеристика е столбот на овој филм.
Но „Алита: Борбениот Ангел“ претставува еден голем микс на многупати искористени клише моменти и не оди многу подалеку од тоа да биде доживеан единствено како научна-фантастика преплетена со тинејџерска романса која во голем дел ја разводнува приказната, наместо да постигне посилна емотивна конекција со публиката. Иако тематиката е многу слична на претходно споменатите филмови, „Алита“ не успева да понуди приказна доволно длабока за да разбуди потреба кај гледачот суштински да се и посвети и да предизвика размислување за морални вредности, причините за уништувањето на светот и човештвото и последиците од роботизираното општество, нешто во што „Духот во школка“ и „Истребувач“ беа многу поуспешни. Додатно, овој филм се „расфрла“ со голем број под-приказни, преголем број информации, карактери кои не успеваат доволно да се развијат и твистови за кои нема потреба, напротив, и тежат на самата нарација.
Вреди да се спомене дека „големите очи“ на Алита кренаа поголема прашина отколку што беше потребно. Иако тие дефинитивно го одвлекуваат вниманието и прави да се прашуваме „која била потребата?“, трејлерот не ни даде време да се навикнеме, додека пак во филмот тие стануваат речиси сосема прифатливи.
Но и покрај сите маани, овој филм успева да го задржи вниманието, не е толку предвидлив како што се очекува. Доколку не ви е прочитана мангата, овој филм е одличен за забава.
Можеби и фактот што многу нешта остануваат нејасни, многу прашања остануваат неодговорени, има некакво оправдување. Оваа приказна не ни понуди крај, туку само почеток на она што допрва следува.