Филмот е речиси сосема еднодимензионален и воопшто не се обидува да направи хипотетичка споредба со тоа како би изгледало општеството денес доколку социјалните мрежи не постоеја
Документарниот филм „Социјалната дилема“ на Нетфликс, која привлече огромно внимание и предизвика жестоки дебати, сѐ уште останува еден од најгледаните документарни филмови на стриминг-платформата. Во режија на Џеф Орлофски, овој играно-документарен филм цели кон обелоденување на „мрачната страна“ на социјалните мрежи, преку директни сведоштва од луѓе што лично учествувале во нивното создавање. Но иако го носи името „Социјалната дилема“, овој документарен филм воопшто не остава простор за дилема. Не остава простор ниту за решение.
Уште од самиот почеток, овој документарец зазема силен дистописки став и се обидува да ја пренесе својата идеја преку неколку различни концепти: експлоатација на корисниците на социјалните мрежи за финансиска придобивка преку надзорниот капитализам: дизајнот на самите социјални мрежи и како тој негува зависност кај нивните корисници; злоупотребата на социјалните мрежи за политички цели; нивниот ефект врз менталното здравје (вклучувајќи го и менталното здравје на адолесцентите и зголемувањето на стапката на самоубиства кај тинејџерите), како и нивната улога во ширењето теории на заговор, како што е „Пицагејт“, и верувањето во теоријата за „рамна Земја“.
Филмот навлегува во суштината на секој од овие засебни проблеми, преку интервјуа со индивидуи, кои несомнено добро ги познаваат социјалните мрежи и нивните „мрачни тајни“. Па, така, имаме можност да ги чуеме исповедите на поранешниот дизајн етичар на „Гугл“ и коосновач на „Центарот за хумана технологија“, Тристан Харис; неговиот соработник, Аза Раскин; коосновачот на „Асана“ и кокреаторот на копчето „лајк“ на „Фејсбук“, Џастин Розенштајн; професорката на универзитетот „Харвард“, Шошана Зубоф; поранешниот претседател на „Пинтерест“, Тим Кендал; пионерот за виртуелна реалност Џејрон Ланиер и др.
Но да не заборавиме, сите овие луѓе се милионери што откако веќе придонеле кон создавањето на „социјалните мрежи од пеколот“, можат да си дозволат грижа на совест. Тие се цврсто убедени во својот став дека „социјалните мрежи се ужасно опасни“, притоа, во ниту еден момент не нудат решение за тоа како да се реши проблемот. Освен можеби некои очигледни мерки, како „тргнете ги телефоните од масата додека јадете со семејството“; „избегнувајте ги социјалните мрежи 30 минути пред спиење“; „забранете им ги екраните на вашите деца, исто како што им ги забрануваме и ние на нашите“. Некои од нив дури и препорачуваат конкретни, иако сепак малку поразлични алатки за справување со зависноста од социјалните мрежи, кои на крајот на денот, повторно зависат од напреднатата технологија – онаа истата што го уништува човештвото.
Филмот е речиси сосема еднодимензионален и воопшто не се обидува да направи хипотетичка споредба со тоа како би изгледало општеството денес доколку социјалните мрежи не постоеја. „Социјалната дилема“ воопшто не зборува за позитивните страни на социјалните мрежи, за бројот на случаи кога луѓе наоѓаат утеха и помош преку истите тие; случаи кога луѓе наоѓаат пријатели кога најмалку се во можност; за тоа како и колку социјалните мрежи помагаат во ширење на свеста за одредени теми; ниту за тоа како луѓето со посебни потреби го наоѓаат својот глас на уникатен начин.
„Социјалната дилема“ во суштина е крајно сензационалистички филм, кој зборува премногу гласно за проблеми за кои најголемиот дел од човештвото е веќе одамна свесно, правејќи истите тие да звучат поново и пострашно отколку што се. Она што најмногу пречи во целиот овој обид да се демонизираат социјалните мрежи е фактот што воопшто не се става фокусот онаму каде што е најпотребен, а тоа е раното и правилно домашно воспитување на младите генерации, како и внимавање и одржување на менталното здравје на секоја индивидуа што е принудена да користи социјални мрежи, макар и за професионални потреби. Наместо тоа, филмот се фокусира на градење „стаклено ѕвоно“ и ја потпомага идејата за општество без самосвест и без механизам за психичко справување со непријатни надворешни влијанија. Она што креаторите на „Социјалната дилема“ би можеле да го направат за да се добие појасна, пореалистична и поизбалансирана слика, се интервјуа со лекари, психијатри, истражувачи и повеќе професори.
Од друга страна, пак, ова е интересно снимен документарен филм. „Социјалната дилема“ излегува од стандардниот формат на документарец, вметнувајќи сегменти од краток игран филм што раскажува приказна за зависноста на тинејџерите од социјалните мрежи и силното влијание врз нивниот психофизички развој. Но мора да се спомене дека дури и овој дел не успева да ја пренесе идејата онака како што Орлофски најверојатно имал намера. Наместо тоа, играната „порција“ од филмот се служи со пренагласено илустрирање на проблемите, што резултира со приказна за хистерично семејство што не може да ужива во вечерата без своите паметни телефони.