Стабилната формула на Нетфликс, која успешно го заробува вниманието на гледачот, освен што вклучува одлични филмски наслови, не разочарува ниту со широката понудена палета на серии. Последниве две години, серијата „Ти“ прерасна во голем хит помеѓу љубителите на психолошкиот трилер и крими-драмата.
По брилијантната прва сезона во која го запознавме шармантниот Џо Голдберг, заедно со неговата мрачна страна и болна опсесија со Гвеневиер Бек, крајот на 2019 година беше време за прослава. Во декември беа објавени уште 10 нови возбудливи епизоди.
Верната публика, која е добро запознаена со трагичниот крај на првата сезона, со нетрпение ја дочека втората, прашувајќи се како Џо ќе се извлече од своите крвнички дела и како ќе изгледа неговиот живот понатаму.
За оние што сѐ уште ја немаат погледнато втората сезона, доволно е да се знае дека овој пат нештата одат во комплетно спротивна насока. Оваа сезона започнува многу различно, настаните се одвиваат можеби побавно, навидум помалку брутално, посуптилно, можеби дури и со поголема доза на хумор, па затоа и крајот претставува нешто неочекувано, нешто дефинитивно поболно и поперверзно од претходниот пат.
„Ти“ е серија во режија на Грег Берланти и Сара Гембл, во продукција на „Варнер хорајзон телевижн“ со „Алој ентертејнмент“ и „АиЕ студиос“, а базирана е на две книги од авторката Керолајн Кепнес. Сценариото за првата сезона е адаптирано според истоимената книга „Ти“, додека, пак, втората сезона е базирана на книгата „Скриени тела“.
Првата сезона го следи животот на Џо како менаџер во книжарница во Њујорк. Тој многу бргу и лесно се вљубува во писателката Гвеневиер Бек, која еден ден ќе го посети на работното место. За кратко време тие започнуваат врска, откако претходното момче на Бек сомнително исчезнува без трага, а заинтересираноста на Џо прераснува во нездрава опсесија. Наскоро гледачот станува свесен дека сѐ што навидум изгледа како природен тек на настаните, всушност е детално манијакално испланирано дело на Џо, чија главна цел да ја има Бек само за себе „ги оправдува“ средствата, без разлика колку брутално крвопролевање било потребно. Првата сезона завршува со трагичен крај и неочекувана посета на поранешната девојка на Џо.
Втората сезона, пак, заедно со новиот идентитет на Џо, Вил Бетелхаим, нѐ носи во Лос Анџелес. Во оваа сезона гледачот се запознава со сосема нов каст, нови свежи ликови и сосема различна енергија. Сега Џо сака да го заборави своето минато, врти нов лист и започнува нов живот, со ново име. Секојдневно се убедува себеси дека повеќе не е стариот Џо и дека убиствата повеќе нема да бидат дамка во неговиот живот. Тој со вљубува во нова девојка, која го носи името Лав („Љубов“ на англиски). Таа е дијаметрално различна од Бек и е сѐ што на Џо му било потребно. А на Џо му се потребни љубов, разбирање и прифатеност. Но дали е сѐ онака како што се надеваше Џо дека ќе биде? Дали ќе успее Џо да избега од своето минато или, пак, „смртта навистина секогаш наоѓа начин да го стигне“?
Без разлика дали сте љубители на оваа серија и без разлика дали сте верни гледачи на првата и втората сезона, секој што знае за што станува збор во „Ти“ се запрашува што е она што го прави убиецот Џо толку допадлив.
Џо е типичен пример за тоа како изгледа и како се однесува еден „фин човек“ во јавност. Среден, добро облечен, мирен и повлечен, не привлекува многу внимание, интелектуалец вљубен во литературата, сака да чита и да дискутира за книги, интелигентен и образован. Шармантен е и сѐ што прави го прави од искрени, длабоки побуди, а наедно е и во вечна потрага по стабилна врска и искрена долга љубов.
Звучи како опис на маж од соништата, сѐ додека не станете свесни за сите негови болни манипулации и злодела, за кои искрено верува дека се сторени со добра намера, па сонот што го „продава“ станува вистински кошмар.
Не, тој не сака да биде убиец, тој сака да ја заштити личноста што ја сака, тој сака да биде херој. Носи трауми со себе уште од раното детство, па малтретирани деца во опасност му се најслаба страна. Тој ќе стори сѐ за да ги заштити, макар и пролеал крв за тоа. А неговата длабока увереност дека она што го прави е оправдувачко не само што посочува на фактот дека е многу опасен туку и, иронично, го поставува на позиција да суди за туѓи гревови.
Начинот на кој е снимена оваа серија и се монтирани сцените, доминантното чувство на смиреност и релаксираност во најголем дел од времето, како и пастелниот колорит, кој бајковито се провлекува низ сцените, комбинирани со „свилениот“ глас на Џо, кој везе пријатни уверливи монолози, како исечоци од личен дневник, манипулираат со гледачот на ист начин на кој Џо манипулира со своите жртви.
Лесно е да се падне на шармот на Џо и можеби е исто толку лесно да се падне во замката на кој било сериски убиец што изгледа нормално и зборува пријатно. Дали има бегство и спас за овие луѓе ќе имаме можност да видиме и во третата сезона, која веќе се навестува.