Последниот час од филмот е вистински визуелен и аудиоспектакл. Последната битка е она што постави нови и многу повисоки критериуми за тоа како треба да изгледа една моќна борбена сцена. Возбуда е мал збор за да се опише тоа што го предизвикува сето она што се случува на платното во последната третина
Помина цела деценија откако од „Марвел студиос“ започнаа кинематографски марвел-универзум со „Железниот човек“ во 2008 година, од година на година менувајќи го лицето на филмската индустрија, поставувајќи сѐ повисоки стандарди на полето на визуелните и специјалните ефекти, костимографијата и монтажата и полека поставувајќи го суперхеројскиот филм на ниво што говори за тоа дека и овие филмови можат да бидат многу повеќе од обична забава. Филмовите на Марвел веќе цела деценија градат цврста база на обожаватели, со секој следен филм и секој следен претставен херој, привлекувајќи сѐ повеќе љубители од сите возрасти, без разлика на тоа дали станува збор за страсни читачи на стриповите или, пак, луѓе што допрва ја откриваат магијата на марвеловиот универзум.
Така и оваа година, по успесите на претходните филмови за одмаздниците: „Одмаздниците“ (2015), „Ерата на Ултрон“ (2016) и „Војна на бесконечноста“, 22-от филм од марвеловиот кинематографски универзум, „Завршница“ претставува вистинска кулминација на „Бесконечната сага“, која бележи неверојатен успех како втор филм со најголема заработувачка на сите времиња, преминувајќи 2 билиони долари само во првите две недели, само 149 милион долари помалку од „Војна на ѕвездите: Моќта се буди“ во 2015 година.
„Одмаздници: Завршница“ е повторно во режија на браќата Антони и Џо Русо („Војна на бесконечноста“), а според сценарио на Кристофер Маркус и Стивен Мекфили. Заедно со феноменалната музика на Алан Силвестри и магијата на камерата на Трент Опалок и веќе добро познатиот и докажан ансамбл на актери, „Завршница“ претставува вистинска бомбастична завршница, грандиозен микс на сите омилени ликови и моменти од претходните приказни и совршено задоволувачки крај што ги објаснува и пополнува сите претходни нејасности. Филмот трае три часа, но секоја секунда е сосема оправдана. Првата половина се движи значително побавно и потешко од драстично побрзиот и неверојатно интензивен крај на филмот, и не секогаш е тоа прифатено еднакво позитивно од публиката. Но токму тоа бавно темпо е она што успешно ги пренесува неподносливата тешкотија, празнината и депресијата, која натежнува врз онаа половина од универзумот што останува жива по Танос.
Многу одамна стана јасно дека овие филмови се обидуваат да бидат многу подлабоки од она по што се познати: суперхерои што докрај храбро се борат за да ги спасат светот и универзумот. Како и голем дел од другите филмови на Марвел, така и „Завршница“ оди многу подлабоко во суштината на човечноста и вистинските вредности, наедно гради и негативец што не е злобен од чиста желба и потреба да биде злобен. „Војна на бесконечноста“ и „Завршница“ го нудат истиот негативец со кој, во одреден дел од времето, забележуваме дека сочувствуваме и ја разбираме неговата страна. А паралелно стануваме свесни дека суперхероите се многу повеќе од непобедливи, храбри и моќни суштества – тие се ранливи и имаат чувства.
Филмот дава сосема доволно простор и време да се прикажат сите важни ликови и нивниот начин на справување со новото време и новите страдања. Сценариото нуди интимен влез во животите на тие ликови, детално прикажувајќи ги нивните емотивни состојби и овозможувајќи ѝ на публиката да ја почувствува нивната болка. Конечно ја гледаме и другата страна на овие херои, нивната ранлива и човечка страна, стравот да се изгуби семејството, болката откако ќе се изгуби семејството, анксиозност, безнадежност, разбирање, надеж, пријателство, љубов…
Но она што е карактеристично за филмовите на Марвел е хуморот. Без разлика на тежината и мракот што владеат со овој филм, хуморот не е изоставен. И тоа е сосема во ред. Иако многу поразличен од сите други филмови од овој универзум, тој сепак останува доследен на она што е препознатливо за нив. Наедно, таа доза хумор воопшто не пркоси со фактот дека ова е еден од најемотивните филмови на Марвел што не оставаат суви очи во киносалите.
„Одмаздници“ е филм што веднаш доби позитивни критики од обожавателите што го прогласија за еден од најдобрите и најлогичните филмови што се занимаваат со тематиката на патување низ времето. Токму тоа патување низ времето отвора многу врати, многу нови можности и потприказни и уште повеќе ликови и опасности. Тоа можеби на некој начин го презаситува филмот и збунува, но од друга страна е совршен начин да се задоволат толку многу различни очекувања од долгогодишните обожаватели. Последниот час од филмот е вистински визуелен и аудиоспектакл. Последната битка е она што постави нови и многу повисоки критериуми за тоа како треба да изгледа една моќна борбена сцена. Возбуда е мал збор за да се опише тоа што го предизвикува сето она што се случува на платното во последната третина, па сите оние што имаат проблем со времетраењето на филмот можат да бидат сигурни дека ова вреди за сите долги и бавно минути претходно.
Сепак, дебатата што од двата последни филма за одмаздниците е подобро од аспект на развој на приказна ќе остане жестока уште долго време. Но несомнено е дека на една децениска сага ѐ беше потребен ваков голем, возбудлив крај исполнет со неверојатна акција и трогателна емоција. „Завршница“ е можеби крајот на оваа „Бесконечна сага“, но не е крајот на марвел-филмовите. Обожавателите имаат уште многу за што треба да бидат возбудени.