Robert Redford
Фото: ЕПА

Холивудската легенда Роберт Редфорд почина на 89 години – објави „Си-ен-ен“. Актерот и режисер имаше богата кариера и беше најпознат по главните улоги во „Буч Касиди и Санденс Кид“ и „Сите луѓе на претседателот“.

Редфорд доби Оскар за режија во 1981 за „Обични луѓе“, а во 2002 и почесен Оскар.

– Роберт Редфорд почина на 16 септември во својот дом во Санденс во планините на Јута – местото што го сакаше, опкружен со оние што ги сакаше. Многу ќе ни недостига. Семејството замолува за приватност во овие мигови – изјави неговата портпаролка Синди Бергер за „Си-ен-ен“. „

Неговата страст кон уметноста на снимањето филмови доведе до создавање на Институтот Санденс, непрофитна организација која поддржува независен филм и театар и е позната по својот годишен филмски фестивал Санденс.

Редфорд беше и ангажиран екологист, се пресели во планините на Јута во 1961 и беше активен во напорите за зачувување на природниот пејзаж на државата и американскиот Запад.

Роден во Санта Моника, Калифорнија, во близина на Лос Анџелес, во 1936, Редфорд се прослави со главната улога во 1969 кога глумеше покрај Пол Њуман, кој веќе беше голема ѕвезда, во „Буч Касиди и Санденс Кид“. Вестернот за двајца разбојници освои четири Оскари.

Редфорд изјавил дека „засекогаш ќе му биде должен“ на Њуман, на кого му ја припишува помошта за добивање на улогата. Двајцата актери имале одлична хемија на екранот, станале доживотни пријатели и повторно се соединиле во „Бодежот“ во 1973, кој ја освои наградата Оскар за најдобар филм.