Јулијана Величковска е македонска поетеса, писателка, преведувачка, издавач, организаторка на манифестации. Авторка е на книгите: монографија „Дваесет години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, „ПНВ Публикации“), поетската збирка „Комарци“ (2010, „ПНВ Публикации“), романот „Годишни времиња“ (2014, „ПНВ Публикации“) и „Отворена книга“ – избор поезија (2017, „ПНВ Публикации“).
Нејзините песни се препеани и објавени на неколку јазици, меѓу кои: кинески, англиски, српски, хрватски, словенечки, холандски, албански, чешки и италијански јазик.
Најубаво се заспива со помислата на…
– Спокојното лице на саканите што секогаш заспиваат пред мене.
Сакаш да го запалиш светот кога ќе ти текне дека…
– Под изгорените стрништа ќе никне нова трева!
Преценето е…
– Значењето на дипломите и титулите.
Потценето е…
– Важноста на културата за едно општество.
Луѓе што не подзастануваат да го погледнат небото се…
– Луѓе што го убиле детето во себе.
Најубавата прегратка е…
– Детската.
Само дрско со…
– Станувам дрска само кога некој ќе ја премине границата со неговото однесување.
Децата се…
– Одговорот на прашањето „за кого?“.
Најголема аномалија на општеството е…
– Непреземањето одговорност од никого за ништо.
Без возбуда животот е…
– Рамна линија. Да си жив за мене значи свесно да чувствуваш сѐ во себе и околу себе без да влијаеш врз интензитетот со кој чувствата те обземаат, да им допуштиш и да гледаш како те обликуваат и те менуваат.