„Глорија Бел“ е нова љубовна драма во која Џулијан Мур одигра уште една извонредна улога. Веќе е објавен трејлерот за овој филм, кој, според критичарите, дамите ќе го обожаваат.
Последното режисерско остварување на Себастијан Лелио ја донесува приказната за Глорија, жена со слободен дух, која во своите 50-ти години ја бара својата љубов во клубовите на Лос Анџелес.
Мур во филмот ја глуми Глорија, средовечна разведена жена, чиј вистински живот почнува во нејзината петта деценија од животот. Таа дење работи во канцеларија, а навечер танцува по клубови. За време на еден настап го запознава Арнолд, со кого ќе започне романса.
Покрај Мур, во филмот глумат и Мајкл Сера, Рита Вилсон и Бред Гарет.
Премиерата на „Глорија Бел“ е закажана за 8 март 2019 година, по што филмот ќе почне да се прикажува во светските кина.