Научниците открија дека античката ДНК што беше успешно извлечена од остатоците на џинот од Сегорбе потекнува од новоисламизираните Бербери. Но неговата висина се должела на миграцијата од претходните генерации, како што се германските племиња што се населиле на Пиринејскиот Полуостров. Всушност, џинот припаѓал на заедница што била мешавина на локални Шпанци и доселеници од Северна Африка
Меѓународниот истражувачки тим предводен од група генетичари и археолози од универзитетот „Хадерсфилд“ го објавија своето истражување за т.н. џин од Сегорбе, личност од исламската средновековна Андалузија. Истражувањата го осветлија мрачното и ужасно минато на Шпанија.
Џинот беше откриен во исламска некропола што се датира од 11 век во градот Сегорбе, во близината на Валенсија. Името го добива поради неговата необична висина, а првичните истражувања покажеле дека потекнувал од Северна Африка. Во 8 век најголемиот дел од Шпанија бил освоен од страна на муслиманските Арапи и Бербери од северозападниот дел на Африка, а по освојувањето, муслиманите го создале еден од главните културни и политички центри во средновековна Европа.
Врз основа на истражувањата на античката ДНК, која беше успешно извлечена од остатоците на џинот од Сегорбе, научниците открија дека потекнува од новоисламизираните Бербери од северозападна Африка. Меѓутоа дополнителните истражувања покажале дека етничкото потекло на џинот е многу посложено.
Научниците открија дека покрај африканското потекло, значително количество од неговите хромозоми припаѓале на локалното шпанско население. Всушност, неговата висина се должела на миграцијата од претходните генерации, како што се германските племиња што се населиле на Пиринејскиот Полуостров по пропаста на Римската Империја. Џинот припаѓал на заедница што била мешавина на локални Шпанци и доселеници од Северна Африка.
Најголемото изненадување за истражувачите беше фактот дека џинот од Сегорбе нема никаква генетска сличност со модерните луѓе од Валенсија, кои немаат речиси никакво генетско наследство на Берберите.
Оваа ситуација се објаснува со историските случувања на Шпанија, односно со периодот на реконвистата, кога христијаните во текот на неколку века успеваат да ги победат муслиманите и повторно да ја освојат Шпанија.
По уништувањето на муслиманските држави на Пиринејскиот Полуостров, еден дел од муслиманите избегале во северна Африка, а преостанатите се преобратиле во христијанството. Но и покрај тоа што Маварите го примиле христијанството, шпанските власти и понатаму гледале со недоверба. Затоа кралската власт ја објавила уредбата за протерување на Маварите од регионот Валенсија, со што присилно ги преселила луѓето што имале африканско потекло.
Истражувањата покажале дека шпанските власти со својата сурова политика на присилно иселување на поранешните муслимани драматично ја промениле етничката карта на Валенсија и нејзината околина. Оваа брутална политика на шпанските кралеви беше директно докажана преку истражувањата на ДНК на Сегорбе и неговите современици.